ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
- Арсенал вечерва му е домаќин на Атлетико Мадрид, а утре е средбата
Баерн – Пари сен Жермен
Сега е време за бис, Париз сен Жермен и Баерн, двата тима што минатата недела продуцираа инстант класик со резултат 5-4 и ќе бидат во центарот на вниманието, утре, за вториот чин од нивното полуфинале во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Арсенал вечерва е домаќин на Атлетико Мадрид, а по првиот натпревар резултатот е 1-1. Двата меча се од 21 часот.
Полуфиналињата во Лигата на шампионите често се паметат повеќе од натпреварите за титулата, пишува АП. Пред една година, возбудливиот натпревар Интер – Барселона беше широко пофален како што беше и првиот натпревар ПСЖ – Баерн, а првиот натпревар со резултат 3-3 во Барселона беше само прв дел по што следуваше победата на Интер со 4-3 во продолженијата на стадионот „Сан Сиро“. Во 2022 година, Реал Мадрид некако се врати во судиското продолжение на реваншот и го победи Манчестер сити со 3-1, откако првиот натпревар во Манчестер заврши со резултат 4-3 за Манчестер сити, пишува АП. Нокаут-рундата во 2019 година, пак, беше заокружена со неверојатни враќања во две последователни ноќи во полуфиналните реванш-натпревари, меѓу Ливерпул и Барселона, односно Тотенхем на гости кај Ајакс.
Тренерот Диего Симеоне го носи својот тим Атлетико во северен Лондон за трет натпревар сезонава во Лигата на шампионите, сега на дуел со Арсенал. Ниту еден од тие два клуба не бил европски шампион. Поминаа 10 години откако Атлетико играше во своето трето финале, кога загуби од Реал Мадрид, и 20 години откако Арсенал го загуби своето единствено финале, од Барселона, пишува АП.
Реванши во полуфиналињата се на програмата в четврток и во другите два европски купа, Лига Европа и Конференциската лига. Во Лига Европа, Фрајбург ја пречекува Брага, која по првиот меч води со 2-1, а во натпреварот меѓу некогашни европски шампиони Астон вила игра дома со Нотингем форест, кој има предност по првата средба со 1-0. Во Конференциската лига, пак, Кристал палас му е домаќин на Шахтер и по првиот дуел води со 3-1, а Стразбур го пречекува Рајо Валјекано, кој во првиот натпревар од полуфиналето, дома, победи со 1-0. Н.М.
ЕВРОПСКИ КУПОВИ, ПОЛУФИНАЛИЊА, РЕВАНШИ
ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Баерн – ПСЖ 21 ч. (4-5)
Арсенал – Атлетико 21 ч. (1-1)
ЛИГА ЕВРОПА
Фрајбург – Брага четврток (1-2)
Астон вила – Нотингем ф. четврток (0-1)
КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА
Кристал палас – Шахтер четврток (3-1)
Стразбур – Рајо Валјекано четврток (0-1)
во заградите се резултатите од првите мечеви
Пари сен Жермен и Баерн се приближија до рекордот за голови во ЛШ во една сезона
Пари сен Жермен и Баерн се најефикасни во Лигата на шампионите сезонава, откако францускиот шампион постигна 43 гола, а германскиот првак 42, и тоа е првпат два различни клуба да ја надминат границата од 40 погодока во една сезона на Лигата на шампионите, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Актуелен рекордер во оваа категорија е Барселона со вкупно 45 погодока постигнати во сезоната 1999/2000. Досега повеќе 40 гола во една сезона на Лигата на шампионите постигнаа и Баерн (43 во сезоната 2019/2020), Барселона (43, 2024/2025), Реал Мадрид (41, 2013/2014) и Ливерпул (41, 2017/2018), пишува УЕФА. Н.М.

































