Учениците имаат збор: Нина Лазаревска, деветто одделение во ООУ „Димитар Миладинов“ – Скопје
За некои теми молчиме, а токму тие најмногу болат. Една од нив е насилството меѓу врсниците во училиштата.
Сѐ започнува тивко. Со еден поглед, со еден збор, со едно исмевање.
Поради облека, изглед, однесување… Нешто што некому му изгледа како шега, за некого станува причина за тишина, страв и за повлеченост во себе.
Зад насмевките често се кријат солзи што никој не ги гледа, а зад молчењето -приказни што никој не ги слуша.
Насилството не е само физичко. Тоа е и збор што боли, игнорирање што остава трага, чувство дека не припаѓаме никаде и дека не сме доволно добри.
Затоа не смееме да молчиме!
Сите ние децата сме различни – и тоа е нашата убавина. Но различноста не смее да биде причина за повредување и исмејување, туку за прифаќање.
Секое дете што трпи насилство треба да знае дека не е само. Да се охрабри дека има некој што ќе го слушне, ќе го разбере и ќе му помогне – родител, наставник или пријател.
Затоа треба повеќе да зборуваме на оваа тема. Погласно, поотворено, поискрено…
Да се создаде простор каде што децата нема да се плашат да кажат што мислат и чувствуваат. На дебати или работилници, секаде каде што ќе има можност за тоа.
На таков начин ќе учиме како да бидеме подобри едни кон други.
Ќе градиме другарства што лекуваат, а не повредуваат.
Бидејќи понекогаш е доволен само еден добар збор, една подадена рака, едно „јас сум тука за тебе“ – за нечиј ден да стане поубав.
И токму тоа може да промени се.
Да не се дозволи ниедно дете да биде повредено. Затоа што, како што вели Маја Анџелоу, луѓето ќе заборават што си рекол и што си направил, но никогаш нема да заборават какви чувства си им предизвикал.

































