фото: Здружение „Сумнал“

На ликовната изложба „Гласот на боите“ во Битола

Koн средината на април во Битола беше реалзиран завршниот настан од конкурсот „Гласот на боите“, на кој учествуваа ученици од битолските основни и средни училишта, но и деца од други градови.
Стручното жири ги избра најдобрите и најинспиративни цртежи инспирирани од ромската култура и традиција. Од основните училишта, првонаградена е Димитра Петровска, втората награда ѝ припадна на Ангелина Милевска, а третото место го поделија Христијан Крстевски и Даниел Бајрамов.
Меѓу средношколците првонаградена е Матеа Илиевска, второто место го освоија Ема Петровска и Јована Стрезоски, а третата награда ја поделија Јана Василевска и Миа Мицевска.
– Посебна вредност на овој проект е што делата на младите беа претставени и пред меѓународна публика, носејќи ја нивната креативност надвор од границите на нашата земја. Ликовниот конкурс „Гласот на боите“, реализиран од здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ во соработка со Општина Битола, се спроведе во рамките на солидарниот проект „Мостови на пријателство“, чија цел е да поттикнат соживот, толеранција и меѓусебно почитување меѓу различните заедници – рече Фатма Бајрам Аземовска, претседателка на здружението „Сумнал“.
Кога младите создаваат, заедницата расте, кога уметноста зборува, сите слушаме. Секој цртеж претставува приказна сам за себе, а сите заедно создадоа вистинска уметничка целина. Во ова издание на „Колибри“ ви претставуваме дел од наградените цртежи.

Ф.Д.