Фото: Маја Јаневска Илиева

Македонскиот јазик е темел на идентитетот и самобитноста, траен сведок на историскиот континуитет и носител на културното и духовното наследство на македонскиот народ, порача претседателката Гордана Силјановска-Давкова по повод 5 Мај – Денот на македонскиот стандарден јазик.

Во пораката, таа истакна дека јазикот е огледало на генерациите низ вековите и средство преку кое се изразува народниот дух, додавајќи дека неговото опстојување го потврдува постоењето на народот. Според неа, македонскиот јазик е и моќен инструмент за изразување љубов, идеи, уметнички и научни творби и трајни вредности.

Силјановска-Давкова нагласи дека денес обврската е јасна – јазикот да се чува, негува и унапредува, како и да се брани од негирања.

Осврнувајќи се на историскиот развој, таа посочи на значењето на делото на светите браќа Кирил и Методиј, визионерската мисла на Крсте Петков Мисирков, како и кодификацијата на македонскиот стандарден јазик во 1945 година. Дополнително, беше истакнат и придонесот на Блаже Конески, како и објавувањето на првата граматика на македонскиот јазик од Круме Кепески во 1946 година, чиј јубилеј се одбележува годинава.

-Македонскиот јазик не е само сведоштво за минатото, туку и суштински креатор на современиот општествен развој. Неговата правилна и достоинствена употреба, како и доследната примена на Законот за употреба на македонскиот јазик, се темел на функционална демократска држава – порача претседателката.

Таа упати повик за заедничка грижа и заштита на јазикот, нагласувајќи дека без него не може да се зачува сопствениот идентитет.