САД подготвуваат пакет воена помош од две милијарди долари за Украина, вклучително и ракети со долг дострел, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на два извори блиски до администрацијата на Џо Бајден.
Според еден извор, 1,725 милијарди долари ќе дојдат од Иницијативата за безбедносна помош на Украина (УСАИ), која ѝ овозможува на Белата куќа да набавува оружје од индустријата, наспроти постоечките американски залихи.
Средствата ќе бидат искористени за купување на ракетата ГЛСДБ, која има дострел од 150 километри. САД, наводно, го одбиле барањето на Украина за испорака на американски ракети АТАЦМС, кои имаат дострел од 297 километри, побарано од Володимир Зеленски.
Дометот на ГЛСДБ од 150 километри ќе ѝ овозможи на Украина да погоди воени цели кои сега се надвор од нивниот дострел и да продолжи со контранапади.
Се очекува пакетот да вклучува опрема за поддршка на системот за противвоздушна одбрана Патриот, прецизно наведувана муниција и противтенковско оружје Џавелин.
Деталите за пакетот треба да бидат објавени во текот на неделата.