Поранешниот британски разузнавач Филип Инграм изјави во јавноста дека претседателот на Русија, Владимир Путин, и неговиот нов командант за операции во Украина, Валери Герасимов, „ќе сакаат да направат нешто пред да бидат распоредени супермодерните тенкови и оклопни борбени возила од западните сојузници“
Рускиот претседател Владимир Путин, според одредени руски медиуми, блиски до Кремљ, нема да го чека засилувањето на Украина со модерно западно оружје, туку тој планира „нова офанзива во следниот месец или два за да се спротивстави на придобивките на Украина“. Кремљ ќе се обиде да ја „врати иницијативата“ со офанзиви што би можеле да следуваат веднаш во февруари или март. Оваа констатација ја објави и американскиот влијателен медиум „Блумберг“, цитирајќи неименувани официјални лица.
„Блумберг“ и конкретно пишува дека „руската офанзива може да дојде пред Киев да ги добие тенковите ’леопард 2’ и ’абрамс’“, ветени од САД и Германија минатата недела. Токму оваа констатација се совпаѓа и со оцената на Институтот за проучување на војната (ISW), кој викендов соопшти дека претходно предвидувал одлучувачка стратегиска руска акција во следните шест месеци, најверојатно во областа Луганск. Аналитички центар со седиште во Вашингтон рече дека неодамнешните руски копнени напади во областа Запорожје можеби се дизајнирани да ги растераат украинските трупи и да го подготват теренот за офанзива во Луганск, каде што Москва ја преместува својата втора моторизирана дивизија (ГМРД) на Гардиската тенковска армија, која беше на обука во Белорусија.
И поранешниот британски разузнавач Филип Инграм рече дека претседателот на Русија, Владимир Путин, и неговиот нов командант за операции во Украина, Валери Герасимов, ќе сакаат да направат нешто пред да бидат распоредени супермодерните тенкови и оклопни борбени возила од западните сојузници.
– Герасимов е многу воено поодмерен, па тој прв ќе ги постави условите. Украинците можеби ќе сакаат да направат политички маневар за да ги спречат Русите во нивната намера за офанзива. А за да го направат тоа, можеби ќе треба да разменат одредена територија за време – тие ќе го искористат тоа време за да ги изведат своите искусни трупи на обука за опрема обезбедена од Западот – интересно констатира британскиот разузнавач Филип Инграм.
Што се случува во Минск, Белорусија?
Обуката на Втората руска моторизирана дивизија (ГМРД) на Гардиската тенковска армија, која беше на обука во Белорусија, отвори прашања за тоа каква улога би можел да има претседателот на земјата Александар Лукашенко, кој е отворен сојузник на рускиот претседател Путин, во војната.
Минск во петокот објави дека продолжува со заедничките тактички летачки вежби со Русија. Сепак, консензусот меѓу аналитичарите – вклучувајќи ги и Институтот за проучување на војната (ISW) и британското министерство за одбрана – е дека засега нема индикации дека руските сили формираат ударни групи во Белорусија за да ја нападнат Украина од север. Ова е во согласност со мислењето на руските воени аналитичари, кои ја отфрлија можноста за напад врз Киев од Белорусија како информативна операција.