Косовскиот премиер Албин Курти прецизно по инструкциите испишани од спонзорите
Косовскиот премиер Албин Курти во интервју за швајцарски „Блик“, по низа студени отфрлања предлози за постигнување договор со Белград, сега изјавува дека „е оптимист и дека договор на релацијата Белград – Приштина би можел да се постигне во рок од неколку месеци“!?
Но косовскиот премиер Курти не изостави да нагласи дека „договор може да се случи само ако постои волја за постигнување договор и поддршка од Западот, односно Европската Унија, НАТО, САД и Британија“, каде што се разбира дека тој има безрезервна поддршка и логистика. Тој не ја пропушти можноста, во контекст на геополитичките раслојувања, да ја обвини Србија за русофилство и да ја сатанизира во очите на Западот. Курти, според интервјуто во швајцарски „Блик“, наводно, наскоро ќе изрази конкретна подготвеност за постигнување договор на Приштина за надминување на спорот со Белград.
– За да има долгорочен мир, безбедност и регионална стабилност, Србија мора да се дистанцира од минатото со (поранешниот српски претседател Слободан) Милошевиќ и сега од (рускиот претседател Владимир) Путин – кажа Курти тврдејќи дека „Србија е сè поблиска до Русија“ и дека „Путин сака да поттикне конфликт на Косово“.
Во интервјуто, Курти истакна дека ситуацијата во Косово во моментов е мирна и ги повика Србите да се пријават за работа во полицијата.
– Немам намера да ги заменам Србите во институциите со Албанци. Сакам Срби на тие позиции – порача Курти и заклучи дека еден од главните проблеми е тоа што Косово и Србија меѓусебно не се признаваат.