Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) воведе минимални износи на исплатени штети за инвалидитет откако увиде дека осигурителните компании исплаќаат различни износи за слични или идентични повреди настанати од несреќен случај – незгода, соопштија денеска од АСО.
– Од почетокот на годинава износите што ќе ги исплаќаат осигурителните компании за повреди кои причиниле инвладититет мора да бидат повисоки или еднакви на минимално утврдените. Оваа новина е регулирана во унифицираната Таблица за определување траен инвалидитет од повреди која важи за сите осигурителни компании. Таблицата е дел од Општите услови за осигурување од несреќен случај – незгода, а важи од почетокот на годинава и е достапна за сите осигуреници – стои во соопштението.
АСО во рамки на активностите за заштита на правата на осигурениците утврди минимални износи (проценти) кои осигурителните компании мора да ги исплатат за траен инвалидитет, кој е покриен со осигурување од несреќен случај – незгода. Преку утврдените минимални износи на обесштетување, за сите видови повреди кои предизвикуваат траен инвалидитет, АСО го подигна нивото на заштита за повеќе од 650.000 осигуреници кои користат осигурување од несреќен случај – незгода.
Осигурувањето од незгода, како што се наведува, е најмасовна доброволна осигурителна класа за која плаќаат стотици илјади граѓани колективно осигурување од незгода во својство на вработени, ученици и деца во градинки. Според податоците кои до АСО ги доставуваат компаниите кои продаваат вакво осигурување, граѓани и фирми во оваа класа осигурување вложиле 495 милиони денари (8 милиони евра) за првите девет месеци во 2022 година.
– Новитетите со кои се подига нивото на заштита на осигурениците се содржани во унифицираната Таблица за определување процент на траен инвалидитет како последица од несреќен случај – незгода. Оваа таблица од почетокот на оваа година ја применуваат сите осигурителни компании кои го продаваат осигурувањето од несреќен случај – незгода – се вели во соопштението.
Таблицата ја изработи АСО во соработка со друштвата за осигурување, а како основа беше користена таблица која била на сила до 2005 година. Во процесот на носење на Таблицата беа користени и искуства од осигурителните пазари во Република Србија, Република Хрватска и Република Словенија.
Воведување на унифицирана Таблица за инвалидитет следуваше откако АСО утврди слабост во функционирање на системот на осигурување во класата на осигурување од несреќен случај (незгода).
– Анализата на пазарот за осигурување утврди дека кај различни осигурителни компании постојат различни проценти на инвалидитет за ист или сличен тип на повреди утврдени во таблици за инвалидитет кои се користеле до крајот на 2022 година. Во вакви случаи споредбата на премијата и осигурената сума, без познавање на процентите за инвалидитет во таблицата, не можат да донесат до избор на најсоодветно осигурително покритие. Оваа тенденција беше особено изразена во постапките за јавни набавки при избор на осигурување од несреќен случај – незгода – се наведува во соопштението.
Новата таблица е дел од Општите услови за осигурување на лица од последици на несреќен случај (незгода) и е достапна за сите потенцијални осигуреници.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.