ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА НА БИТОЛА ЈА ОБЈАВИ ПРОГРАМАТА ЗА 2023 ГОДИНА

И покрај тоа што поради постојниот закон со кој Битола, како град со старо градско јадро, во најголем дел е заштитено подрачје и не се можни многу интервенции, особено во централниот дел на градот, сепак локалната самоуправа на Битола за 2023 година планира да издвои над 7 милиони евра за подобрување на инфраструктурата. Во делот на инфраструктурата, во согласност со програмите за комунални дејности и уредување градежно земјиште и развојната програма во 2023 година, опфатени се вкупно 28 објекти, со кои се планирани изградба и реконструкција на улици, нови паркинг-простори и објекти од капитално значење, во вкупна вредност од 445.937.880 денари, или 7,2 милиони евра.
Кога станува збор за реконструкцијата на инфраструктурата на Битола, тоа што е особено важно е што, за разлика од претходните години, кога најчесто се крпеа улиците, со новата програма за реконструкција на инфраструктурата во Битола се предвидува целосна реконструкција, вклучувајќи и комплетна промена на водоводната и канализациската мрежа. Со ваквата темелна реконструкција на инфраструктурата во Битола, локалната самоуправа најави дека во иднина нема намера да ги „крпи улиците“, туку откако комплетно ќе ја промени водоводната и канализациската мрежа ќе ги покрие со нов асфалт, што досега беше редок случај. На тој начин Битола полека ќе се ослободи и од азбестните водоводни цевки, кои не само што се штетни за здравјето на граѓаните туку се подложни и на пукање, што во голема мера придонесува да се јавуваат чести дефекти во водоводната мрежа во градот под Пелистер.
Покрај реконструкцијата на значаен број улици, особено од потесното подрачје на Битола, со годишната и развојните програми е предвидена изградба на патна инфраструктура на 40 улици, велосипедски патеки, нов парк во Нова Битола, адаптација на прифатилиште за бездомни животни, продолжување на изработката на генералниот урбанистички план, дигитализација на општинските услуги и други проекти.

– Тука сакам да најавам изградба и реконструкција на 40 нови улици, во должина од 22,4 км, меѓу кои улицата Индустриска, во должина од 2,4 километри, група улици во должина од 1.909 метри, потоа улиците Драгорска, Зборска, Стив Наумов, реконструкција на улицата покрај „Светонеделските гробишта“, втора фаза од реконструкција на улицата Солунска и други улици во урбаниот дел, додека во руралните средини е предвидена реконструкција на уличната мрежа во Оптичари, Егри, Лажец, 11 улици во Долно Оризари и исто толку во Горно Оризари. Во моментот сме во фаза на подготовка на градежен проект за изведба на велосипедски патеки, кои во согласност со сообраќајниот проект, ќе бидат изведени на улиците Васко Карангелевски и Партизанска – вели градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Кога станува збор за подобрувањето на инфраструктурата и патната мрежа во Битола, значајно е да се спомне реализацијата на проектот на локалната самоуправа за изградба на индустриската улица, која откај фабриката за млеко „Бимилк“ ги поврзува најголемиот број индустриски капацитети и фирми од Битола.
– Изградбата на улицата Индустриска, освен со средства од буџетот, ќе се изведува и со користење кредит од Светската банка преку Министерството за финансии, во износ од 1,5 милион евра. Со изградбата на оваа улица, која е целосно руинирана и запоставена, не само што ќе се поврзат фабриките во индустрискиот дел на Битола туку во голема мера ќе се растовари сообраќајот на тешките товарни возила, кои освен во индустрискиот дел на Битола, се движат и кон Грција – нагласува првиот човек на Битола, Тони Коњановски.
Инаку, изградбата на улицата Индустриска во Битола постојано беше најавувана од речиси сите претходни локални власти, но ниту една досега не се нафаќаше да ја реконструира. Сегашната локална самоуправа одлучи за реконструкција на оваа улица, која ќе ги поврзе најголемиот број стопански капацитети во индустрискиот дел на Битола, да позајми 1,5 милион евра од Светската банка, со што конечно ќе се реши овој проблем.

По колапсот што го доживеаја најголемиот број стопански капацитети во индустрискиот дел на Битола, кои отидоа во стечај, „Фринко Металец“, битолската пиварница, свиларницата „Илинден“, „Битолатекс“, фабриката за шеќер, „Жито Битола“…, на нивните места се изградија голем број мали капацитети на домашни и странски инвеститори, кои буквално го заживеаја тој дел на Битола, каде што, според многумина познавачи на економските состојби во Битола, поради постојната инфраструктура требаше да биде изградена новата индустриска зона.
Освен за подобрување на инфраструктурата во градот под Пелистер, локалната самоуправа планира да издвои доста средства и за реализација на проектот „Подобра социјална инклузија за млади, спорт и рекреација на потегот Тумбе кафе – Смолево“, кој ќе се реализира во должина од 1.932 метри, за што се обезбедени 11.596.320 денари, со кои се предвидени градежни зафати за дооформување на земјената патека, нејзина стабилизација, поставување бекатон-плочки, ставање во функција на уличното осветлување и поставување канделабри на сончева енергија, придружни содржини, летниковци, патокази и други содржини што ќе придонесат за уредување на овој дел на градот.
И кога станува збор за инфраструктурните зафати во Битола, тоа што најмногу ги израдува битолчани е што локалната самоуправата на градот одлучи да ги отстрани сите диви монтажни гаражи во градот, со што покрај тоа што се ослободија значајни површини, кои ќе бидат искористени за изградба на нови паркинг-места и зелени површини, како и изградба на детски паркови, во голема мера ќе се подобри и лицето на градот.