Игнорирањето на правилата и сообраќајните знаци создава сообраќајна тензија и нервозни возачи, а тоа, пак, води до непосакувани ситуации / Фото: Игор Бансколиев

Редовното и правилно користење на трепкачите е важен дел од сообраќајната култура, но пред сѐ е сообраќајно правило што задолжително треба да се почитува. Секојдневно сме сведоци дека нивното некористење предизвикува недоразбирања меѓу учесниците во сообраќајот, а често и сообраќајни незгоди, кои можеле да се избегнат доколку трепкачите биле вклучени

РЕДОТ ВО СООБРАЌАЈОТ РЕДОВНО ПОТФРЛА КОГА ВОЗАЧИТЕ НЕ ГИ КОРИСТАТ СВЕТЛОСНИТЕ СИГНАЛИ НА ВОЗИЛАТА

Прекршувањата на сообраќајните правила и сообраќајниот неред, во кој од ден на ден сѐ повеќе запаѓа метрополата, најмногу се должи на сообраќајната (не)култура што ја манифестираат возачите. Намерно или пак од небрежност, замисленост, деконцентрација или заборавност, непрописното возење, паркирање и вртење каде што не е дозволено или без да се води грижа за другите учесници, негативно се одразува на текот на сообраќајот во Скопје. Игнорирањето на правилата и сообраќајните знаци создава сообраќајна тензија и нервозни возачи, а тоа, пак, води до ситуации во кои често доаѓа до пцости, свирежи, па и сообраќајни незгоди со помали штети.

Состојбата се движи кон – алармантна

Една од најчестите причини за скопските сообраќајни проблеми е некористењето на трепкачите на возилата со кои на другите учесници во сообраќајот им се дава до знаење нашата следна активност – вртење лево, десно или пак вонредно неколкуминутно застанување.
За жал, сѐ повеќе возачи кога го менуваат правецот на движење или кога се престројуваат од лента во лента не ги вклучуваат трепкачите, па предизвикуваат забуна меѓу другите учесници во сообраќајот низ улиците. Истото тоа се случува и со користењето на четирите трепкачи, кои се вклучуваат при вонредно застанување на улица или на отворен пат.
Од мини-анкетата што ја направи екипата на „Нова Македонија“, но и од обиколката низ скопските улици, може да се заклучи дека игнорирањето и запоставувањето на обврската да се користат трепкачите често се причина за сообраќајна незгода, а уште полошо е тоа што многумина од новопечените возачи воопшто не знаат кој трепкач треба да се вклучи за насоката кон која се движат. Па, така, додека возилото врти лево, еден од трепкачите покажува свртување надесно и обратно.
– Неспорен факт е дека оној што знае да вози во Скопје, ќе може да вози и во земјите со најхаотичен и најгуст сообраќај. Само кај нас ништо не се употребува, ниту трепкачи, ниту сирена, секој си прави што сака. Се врти на недозволени места, паркира кој каде ќе стигне… Мене лично неколкупати досега ми се случило токму поради невклучени трепкачи да удрам некого одзади и да бидам виновен за тоа. На Џон Кенеди, на семафорите кај поштата, знаете ли колку случаи има што свртеле десно и го заборавиле вклучен десниот трепкач? Притоа, продолжиле на семафорите право, а кога на семафорите свети зелено светло, свети и за тие од едната и од другата страна. Па, кога возите право, со вклучен трепкач за десно, тие што вртат од другата страна се пуштаат да поминат и тука се случува сообраќајка. На мојот син му се случи токму тоа. Возачот во паника го исклучи трепкачот и на суд на син ми му беше одземена и возачката и моравме уште да плаќаме и обесштетување поради тоа. И сето тоа благодарение на возач што смета дека трепкачот не е важен дел од сообраќајот – вели Сашко Здравковски, жител на скопски Чаир.
Според инструктор што обучува возачи во скопска автошкола, младите се категорија возачи што многу несериозно пристапуваат кон управувањето на возилото и на одговорностите што произлегуваат од тоа.
– Не знам како да објаснам, воопшто не се оптоваруваат со трепкачите. Велат дека важно било да знаат да возат. Јас се обидувам да им објаснам, но залудно. Затоа и доста голем број кандидати не го положуваат возачкиот испит. Заборавиле да вклучат трепкач… Еве, баш неодамна додека возев ми се случи таква ситуација. На една девојка ѝ застанало возилото среде возење навечер. И девојката комотно си излегла од возилото и не ги вклучила четирите трепкачи, кои во тој случај треба да се вклучени за да им сигнализираат на другите возачи дека има возило што не се движи на патот. Среќа е што не возам брзо, па сфатив дека возилото пред мене не се движи, застанав и ѝ укажав дека мора да ги вклучи трепкачите. Дури тогаш таа се сети и во паника истрча да ги вклучи – вели тој.

Во голема опасност се и пешаците и велосипедистите

Некористењето трепкачи влијае и на безбедноста на сообраќајот на пешаците и велосипедистите. Овој период, за среќа, има помал број велосипедисти, но сепак далеку од тоа дека воопшто ги нема. Тие велат дека кога возачите не вклучуваат трепкач, им предизвикуваат сериозни проблеми.
– Возам велосипед покрај коловозната лента и треба да свртам десно. Возачот не вклучува трепкач, при што јас мислам дека тој ќе продолжи право, но не е така. Среќа возеше полека, па контактот помеѓу мојот велосипед и автомобилот беше многу мал. Уште, излезе човекот и ме навредуваше поради мојата невнимателност. Ем тој не вклучил трепкач, ем јас виновен – вели Мете Стојковски.
Во дневните билтени од сообраќајните контроли што секојдневно ги реализира сообраќајната полиција нема статистика за тоа дали има санкционирани возачи како последица на некористењето трепкачи. Иако се случуваат, сепак, официјално не се пријавени во полиција.
Меѓутоа, законот е дециден. Во согласност со Законот за безбедност на патниот сообраќај, овие прекршувања се регулирани во членот 62 од Законот.
– На јавен пат возачот е должен да ги вклучи покажувачите на правци на возилото, а особено: ако врши предупредување на други учесници за опасност во сообраќајот, во услови на намалена видливост (густа магла, чад и слично), ако е последен во колоната на возила запрена на пат надвор од населено место, освен ако колоната запрела заради постапување според сообраќаен знак или правило со кое се регулира сообраќајот и ако запре на коловоз, освен во случај на паркирање на обележано паркиралиште, односно поради постапување по сообраќаен знак или правилата во сообраќајот – се вели во ставот еден од членот 62.
Според ставот два од членот, мандатен платен налог со глоба во износ од 35 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 20 негативни бода во согласност со одредбите од овој закон на возачот што постапува спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член.