Одборот за доделување на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, денеска, по спроведеното тајно гласање и официјално ги објави добитниците на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за 2018 година.
– Од областа на образованието и воспитанието наградата „13 ноември“ ја понесе Аџи Фида, професор во пензија, за долгогодишна успешна дејност во областа на образованието и воспитанието, додека од областа на спортот наградата ја доби пливачот Андреј Стојановски, за остварување врвни резултати во пливачкиот спорт во категоријата за лица со посебни потреби – соопштија од Град Скопје.
Од областа на културата наградата ја добиваат музикологот Марко Коловски за значајни долгогодишни остварувања во областа на музичкото творештво и писателот и книжевен преведувач Ресул Шабани за превод на Антологиите „Поети академици“ и „Поети и раскажувачи академици“.
Од областа на уметноста, наградата „13 ноември“ ја доби академскиот музичар Рамадан Шукри, за придонес во областа на уметноста, културата, образованието и воспитанието, додека од областа на публицистиката наградата ја понесе Сафет Тахири за 20-годишен придонес во развојот на новинарството и публицистиката.
Од областа на архитектурата се одлучиле наградата да ја добие архитектката Даница Павловска – Циги, за долгогодишна посветеност за зачувување на автентичноста и вредностите на градот Скопје во сферата на планирање и управување со просторот, а од областа на науката, судијката Маргарита Цаца Николовска, за придонес во унапредување, промоција и заштита на човековите права и слободи, развој на демократијата и владеење на правото.
Правни лица што ја добија наградата „13 ноември“ за 2018 година се ЈЗУ Геронтолошки Завод „13 Ноември“ Скопје, за долгогодишна успешна работа и Противпожарната бригада на Град Скопје за успешна работа и голем придонес во заштитата и спасувањето на граѓаните од пожари, природни непогоди и други несреќи.
Ученикот Арда Мустафаоглу од ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“, ја доби наградата „13 ноември“ за континуирани успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности и посебен придонес за афирмација на градот Скопје во светот, како и учениците Мила Коцевска, Софија Стојменова, Нена Гиевска, Марија Гавриловиќ, Петар Тодоровски и Ведран Лауренчиќ, за хуманост-укажување прва помош на лице во градски автобус.
Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје се доделува на физички и правни лица како знак на признание на Градот Скопје за остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената и социјалната заштита, спортот и физичка култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на градот Скопје и за неговиот севкупен напредок и афирмација во Република Македонија и во светот.