Педесет и едно лице се хоспитализирани со симптоми на труење со амонијак, од кои две се со потешки симптоми, соопшти вечерва Секторот за вонредни состојби при МВР на Србија, откако вагон се излизгал од пругата на потегот Пирот – Станичење и дошло до истекување на гас и висока концентрација на амонијак во воздухот, јави Н1.
Според српските медиуми, најголем дел од лицата се згрижени во Општата болница во Пирот, а Универзитетскиот клинички центар во Ниш соопшти дека кај нив се згрижени седум српски државјани и дека сите се стабилни, но со надразнувачки симптоми и благи хемиски изгореници.
Вагонот на товарниот воз што превезувал амонијак се превртел околу 17 часот и 30 минути, кај местото Сопотски Хан, соопшти српското МВР. Оттаму апелираа до граѓаните кои живеат во близина да не излегуваат од домовите.
РТС јави дека до несреќата дошло кога композиција од 20 цистерни излетале од шините, од кои „најмалку една паднала во коритото на реката Нишава, што предизвикало бурна реакција на амонијакот во допир со вода“.
Би-би-си на српски јазик објави дека во Пирот е прогласена вонредна состојба, а според порталот Пирот плус онлајн, кој се повикува на информации од приемното одделение на Општата болница во Пирот, на терен биле четири екипи за итна помош.
На местото на настанот се испратени 27 пожарникари со 10 противпожарни возила.
Поради несреќата железничкиот сообраќај на оваа пруга е во прекин.
Поради слаба видливост во прекин е сообраќајот и меѓу Пирот и Бела Паланка по магистралниот и главниот пат, а алтернативната траса е преку селото Понор.
Евакуирани се и работниците од втора смена во компанијата „Тигар гуми“, а на вработените во третата смена нема да доаѓа на работа.
Компанијата „Србија Карго“ се огласи и соопшти дека се работи за товарен воз кој секојдневно сообраќа на делницата Ниш-Димитровгад и превезува суровини од Бугарија до Прахово и Шабац.
Сопственикот на порталот Пирот плус онлајн, Ненад Пауновиќ, претходно вечерва изјави за Н1 дека на потегот долг 30 километри од Бела Паланка до Пирот има силен мирис на амонијак, а видливоста е толку слаба, што некои автомобили излетале од патот.
– Жителите на Пирот се во страв, никој не излегува од дома – посочи Пауновиќ.