Се очекува американскиот претседател Доналд Трамп да го посети Питсбург за да оддаде почит на 11-те жртви во оружениот напад во синагогата „Дрво на животот“, што се случи во саботата, и покрај поделените мислења во американската јавност за неговото доаѓање, пренесуваат светските медиуми.
Рабинот од синагогата „Дрво на животот“ истакна дека американскиот претседател е секогаш добредојден, но група од еврејската заедница преку отворено писмо му порача на Трамп оти „не е добредојден во Питсбург додека не се откаже од национализмот“. Писмото чија електронска верзија е објавена на Интернет, собра преку 4.300 потписи.
Градоначалникот на Питсбург Бил Педуто, исто така, изрази противење за посетата на претседателот, бидејќи таа ќе се совпадне со погребите на неколку од жртвите. Педуто смета дека дополнителното обезбедување со доаѓањето на Трамп ќе го оттргне вниманието од оддавањето почит, со што јавно побара од претседателот да ја одложи посетата додека погребите не бидат извршени.
Мислењата на жителите од предградието во кое се случи нападот се поделени. Мариен Нови порача дека Трамп не е добредојден „доколку навистина не се смени“, додека Дејвид Двир смета дека политиката треба да се стави настрана во периодот на жалење, велејќи „тој е нашиот претседател и треба да му посакаме добредојде“.
Трамп, пак, се пожалил на третманот од медиумите, при известувањето за неговите првични изјави по најголемиот напад врз еврејската заедница во поновата историја на САД. Реториката на Трамп се посочува како една од можните причини што придонеле за нападот, односно за подемот на десничарскиот екстремизам во САД, од страна на неговите критичари.
Со критики се соочи и потпретседателот Мајк Пенс, откако се појави на настан посветен на жртвите, предводен од свештеник кој припаѓа на движење што не е прифатено од јудaизмот.
Американскиот претседател денеска би требал да пристигне во Питсбург заедно со првата дама Меланија Трамп, а заедно со нив ќе бидат и неговата ќерка Иванка и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер. Претходно беше соопштено дека Трамп ќе ги посети и ранетите полицајци и другите лица во нападот.