Коментирајќи колку е реален планот на македонската влада земјава да стане членка на ЕУ до 2030 година, германскиот претседател рече дека никој не може да вети такво нешто
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер во посета на Македонија
Вашата земја се наоѓа пред една важна одлука, дали преку претстојната промена на Уставот ќе го отвори патот за отворање на поглавјата во поединечни области, како на пример, економската политика или владеењето на правото, порача германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер на вчерашната заедничка прес-конференција со претседателот Стево Пендаровски во претседателската резиденција во Скопје.
Германскиот претседател, кој од вчера се наоѓа во дводневна официјална посета на земјава, уште еднаш го повтори она што повеќето европски политичари го изјавија за време на посетите на земјава, дека без уставни измени нема отворање на преговарачките поглавја. Но тој уште дополни и дека важен е и внатрешниот реформски процес.
Штајнмајер посочи дека е свесен оти Македонија била соочена со тешкотии и довербата на луѓето овде кон ЕУ била оптоварена, но уверен е дека ставот за засилување на добрососедските односи со Бугарија ќе вреди.
– Јас сум многу свесен дека С. Македонија на патот кон ЕУ беше конфронтирана со особени тешкотии, дека довербата на луѓето во ЕУ беше оптоварена со Договорот од Преспа, но дадовте импресивен пример за тоа дека е можно да бидат надминати долгогодишни длабоки разлики само доколку постои политичка волја од двете страни. И за вашата прагматична подготвеност на компромис за засилување на добрососедските односи кон Бугарија ви благодарам и јас сум убеден дека овој став на крајот ќе вреди. Уште сега овие чекори за отворање на пристапните преговори со ЕУ и потпишувањето на договорот со Фронтекс доведоа до тоа да се случи на македонски јазик. Станува збор за понатамошна интеграција на С. Македонија во ЕУ и со тоа и за пристап на сите граѓани и граѓанки кон една унија на заеднички вредности и стандарди – истакна Штајнмајер.
Коментирајќи колку е реален планот на македонската влада земјава да стане членка на ЕУ до 2030 година, германскиот претседател посака брзо зачленување, но за рокови рече дека никој не може да вети такво нешто.
– Посакувам пристапниот процес да се случи многу побрзо, да нема нови пречки. Реформскиот процес тука во земјата да се движи со брзината со која е потребно гледано од ЕУ. Се надевам дека тоа ќе се случи што е можно побрзо, дали тоа ќе биде 2030 година, мора да разберете дека никој во моментот не може тоа да го каже, никој политичар од С. Македонија ниту од Германија ниту, пак од ЕУ, никој не може да вети. Но треба да се стремите кон тоа, стремежот да биде да се постигне оваа цел и таа е присутна тука – нагласи Штајнмајер.
Во врска со работата на заедничката историска комисија, германскиот претседател советува историските прашања да не бидат во фокусот во преговорите со ЕУ.
– Кога зборуваме за пристап кон ЕУ, всушност, зборуваме за прашања од сегашноста и заедничката иднина во Европа, така што би сакал само да советувам акцентот да биде поставен во тој правец, не кон минатото и да се бараат нови пречки – појасни Штајнмајер.
Германскиот претседател ја истакна германската поддршка за членство на земјава и на целиот Западен Балкан во ЕУ и порача дека Македонија е дел од европското семејство и со својата култура и јазик ќе ја збогати Унијата и уште повеќе ќе ја зголеми различноста во оваа заедница.
Од своја страна, македонскиот претседател Стево Пендаровски целосно се согласи со својот германски колега акцентот да се става на прашања од иднината, а не од минатото. С.Т.