Вчерашниот состанок на НАТО во Букурешт донесе „нови перспективи за нови предизвици“, за тоа што по Украина. Како што тврдат извори на угледниот медиум „Фајненшл тајмс“, на вчерашниот состанок на високи претставници од НАТО во Букурешт имало и сериозен осврт и пресек за досегашните односи на самата Алијанса со Кина, како и на поединечните држави-членки на НАТО во односите кон Кина. Всушност, барањето на водечката членка од НАТО, САД, до другите членки на Алијансата било – ревизија на односите на релацијата НАТО – Кина. Според изворите на медиумот, барањето на САД било проследено со сугестијата „сите држави-членки на Алијансата да ја заострат својата реторика кон Кина и да преземат понатамошни конкретни активности за да ја ограничат кинеската експанзија“. Дали светот, или поточно Алијансата, по Украина, веќе отсега подготвува сценарио и „подготвеност за влегување во нова студена војна?!“

Се наѕираат рамките на новиот концепт на глобалните геополитички односи на релацијата НАТО – Кина

Вчера во главниот град на Романија, Букурешт, се одржа значаен состанок на НАТО, на кој присуствуваа високи државни функционери на европските држави и на САД. Целта на состанокот беше да се договори и усогласи поефикасна помош за украинските сили во претстојните зимски услови на војна со Русија. Меѓутоа, покрај ова, според угледниот Фајненшл тајмс“, на средбата бил предвиден и сериозен осврт и пресек на досегашните односи на самата Алијанса со Кина, како и на поединечните држави-членки на НАТО кон Кина. Во тој контекст, извори на „Фајненшл тајмс“ тврдат дека „САД веќе имаат конкретен концепт за нова димензија на односи кон Кина, и по завршетокот на воениот судир во Украина“.

САД сакаат земјите-членки на Алијансата да заземат поостри политики кон Кина

Како што веќе споменавме, „Фајненшл тајмс“ излезе со ставот дека „средбата на НАТО во Букурешт може да донесе нова димензија на глобалните геополитички односи, бидејќи високи американски претставници инсистираат на преземање многу поостра политика кон Кина“.
Имено, извор за медиумот открива дека „во последните неколку недели, претставници на Вашингтон лобирале кај други европски членки на НАТО да ја заострат својата реторика кон Кина и да предвидат конкретни активности за да ги ограничат кинеските амбиции и експанзија“. Засега, фокусот на американскиот претседател Џо Бајден беше судирот во Украина, но, според аналитичарите, контурите за надворешната политика одамна се препознаваат во смисла на испорачаното барање на САД кон другите членки на Алијансата на состанокот во Букурешт. Имено, високите претставници на САД ќе „ја постават конфронтацијата со Кина во иднина, како главна цел на надворешната политика на Бајден“.
Информацијата дека „САД токму сега инсистираат да стават тежиште на конфронтација со Кина на агендата на НАТО“ доаѓа во исклучително чувствителен момент за кинеската страна. Аналитичарите ја отвораат дилемата „дали некој од западните центри на анализи дошол до заклучок дека токму сега Кина покажува знаци на слабост во контекст на бранот на протести против политиката на новото ковид-заклучување во самата Кина?!“
Но, од друга страна, се поставува и прашањето каква би можела да биде реакцијата на Кина во случај на драстично заострување на политиката на НАТО?!
На пример, пред конфликтот во Украина, комбинаториките со приемот на Украина во НАТО изгледаа како логичен чекор на Западот, но денес сѐ повеќе станува веројатно уверението дека „повеќето членки би се откажале од таа идеја доколку тој потег би го запрел рускиот напад“.
Така што, во моментов се отвораат низа прашања што би било доколку не се избрзаше со одредени чекори по кои на глобално ниво се искомплицираа состојбите на економски, политички, енергетски, па и на друг план, кои и претходно беа доволно искомплицирани со коронавирусот.
И имено, дали сега зголемениот притисок врз Кина, на кој инсистираат САД, е чекор кон враќање на некакви односи од Студената војна во глобалната меѓународна политика, кога политичките (па и воените) тензии се веќе екстремни?

САД во Букурешт нудат договор за „зајакнување на отпорноста против
предизвиците што ги поставува Кина“

Минатиот месец, администрацијата на Бајден објави стратегија за национална безбедност, која јасно стави до знаење дека Кина е безбедносно прашање пред Русија, без оглед на моменталните закани.
Според „Фајненшел тајмс“, „високи функционери на САД пред вчерашниот состанок во Букурешт истакнувале дека НАТО договорил нов стратегиски концепт“ за „одговор на системските предизвици што ги поставува Кина“. Америка им нуди на своите европски сојузници во НАТО на состанокот во Букурешт да се договорат за „зајакнување на отпорноста против предизвиците што ги поставува Народна Република Кина“.
Координацијата на членките на НАТО против Кина, тврди „Фајненшел тајмс“, е високо на листата на приоритети за САД. Амбасадорката на САД во НАТО, Џулијан Смит, тврди дека НАТО мора да почне да одговара на предизвиците од Кина на конкретни начини.
На состанокот во Букурешт, министрите разговараа за новиот извештај за Кина, а Кина за првпат јасно треба да се идентификува како предизвик во прашањата на „интересите, безбедноста и вредностите“. Тој извештај, наводно, се занимавал со прашања за кинескиот воен развој, напорите да се влијае врз членките на НАТО и трети земји и се занимава со кинеско-руските односи.
Меѓутоа, некои аналитичари не се согласуваат за избалансираност на нивото на кое „ЕУ проценува до кој степен да ги заостри економските односи со Кина“. Повеќето членки на ЕУ, особено Германија и Франција, не се гледаат себеси на иста линија кон Кина како и САД.
Но генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во пресрет на средбата во Букурешт, изјави дека НАТО мора да одговори на воената модернизација на Кина, соработката со Русија и „обидите да се контролира критичната инфраструктура во Европа“. Сето ова, како што најави Столтенберг, ќе биде тема на разговор во Букурешт.

Британија и новиот премиер го омекнуваат остриот став на САД кон Кина

Интересно би било да се издвои пристапот на британскиот премиер Сунак кон односите со Кина. Коментирајќи го инцидентот меѓу кинеската полиција и новинарот на Би-би-си, британскиот премиер Сунак вели дека „Кина свесно се натпреварува за глобално влијание, користејќи ги сите нивоа на државна моќ…“
– Ние признаваме дека Кина претставува системски предизвик за нашите вредности и интереси, предизвик што станува сѐ поакутен како што се приближуваат кон постојано растечкиот авторитаризам. Соочени со овие предизвици, треба да знаеме дека краткорочниот пристап и препуштањето на желбите нема да бидат доволни. Не можеме да зависиме од аргументите или пристапите од Студената војна, ниту да бидеме сентиментални за минатото – рече Сунак.
Реномираниот медиум „Блумберг“ токму оваа последна изјава на британскиот премиер ја толкува како значително омекнување на пристапот кон Кина.
Министерскиот состанок на НАТО во Букурешт завршува денеска, а вчерашниот ден беше заокружен со изјавата на шефот на американската дипломатија, Ентони Блинкен, кој изрази очекување дека сојузниците ќе продолжат да работат силно обединети и единствени во поглед на Украискиот конфликт, но и “заеднички да подготват одговор за предизвиците што ги претставува дејствувањето на Кина”, најавувајќи дека и по војната во Украина, војната би продолжила , но како ” студена”!