Под притисок на тие силни пропагатори на љубовта кон кучињата скитници, надлежните во чудни околности ги напуштија сите вообичаени методи за справување со нив и преминаа на најхуманата варијанта, според таквите толкувања на реалноста. Гледаме секојдневно каков резултат дава таа варијанта. Убаво е да се сакаат кучиња, па макар и оние што напаѓаат луѓе што мирно шетаат низ градот. Но, сепак, малку е поубаво да се сакаат луѓето. И тука не би требало да има дилема. Или не?
Како редовен проследувач на информациите од земјава и од странство, вчера прочитав дека ден претходно, значи во средата, полицијата добила четири пријави од граѓани дека биле каснати од кучиња скитници. Двајца наши сограѓани настрадале во Скопје, еден во Тетово, а еден во Кичево. Но со оглед на она што се случува секојдневно околу нас, ни оддалеку не сум убеден дека ова е конечната листа, туку дека постојат и голем број случаи што не се пријавуваат и не се регистрираат од најразлични причини. А во полициските извештаи буквално нема ден, во Скопје или во другите градови, некој да не е нападнат од кучиња скитници.
Треба ли да потсетуваме на неодамнешниот грозоморен чин кога, пак, две расни кучиња, со регистриран сопственик, беа едноставно пуштени од синџир без никаква маска и тие речиси растргнаа човек на кејот на Вардар, за што пишувавме во нашиот весник, цитирајќи ги изјавите на згрозените и шокирани очевидци на грозоморниот настан.
Се сеќавам дека порано, професорите на теорија на новинарството нѐ подучуваа дека „не е вест кога куче ќе касне човек, туку кога човек ќе касне куче“. Но тоа беше кажано во сосема друга конотација и значи нешто што си има свое логично објаснување. Но потсетувањето на овие зборови наедно не значи дека треба да замижуваме пред алармантната состојба и да очекуваме некој наш граѓанин да добие несекојдневен порив и да почне да гризе кучиња. Иако кај нас егзистираат секакви ликови, сепак не верувам дека некој толку забегал за да посака да проба живо кучешко месо.
Токму затоа, наместо да теоретизираме и да ги броиме жртвите од новинските извештаи, време е да се преземе нешто, затоа што состојбата е далеку од тоа да се третира шеговито или како што ние знаеме да кажеме, „ќе помине, ништо страшно“. Не верувам дека со таквата констатација, дека не е ништо страшно, би се согласил кој било од оние што се нашле очи во очи со разулавените кучиња на нашиве улици.
Не сум некој експерт за ова прашање, но навистина би сакал да се најде некое ефикасно решение, бидејќи нималку не е пријатна сликата кога се движите, особено низ Скопје, а очигледно така е и во другите градови, околу вас да кружат неидентификувани претставници на кучешкиот род. Колку и да се обидувате да ги игнорирате и да се обидувате да не ги иритирате на кој било начин, нема никаква гаранција дека нема да ве нападнат. Впрочем, доволен доказ за тоа се секојдневните црни хроники во медиумите.
Значи, колку за потсетување, едно време постоеше шинтерска служба што ги заловуваше кучињата скитници и градот беше релативно мирен, затоа што беше вистинска реткост да се сретнат кучиња скитници, а камоли глутници како сега. Дури едно време имаше служба што, главно во ноќните часови со пушки ги ловеше, но тоа беше оценето како нехумано, па се премина на „европејски“ модерни, хумани методи, кои подразбираа нивно заловување и сместување во сместувачки капацитет за таа намена. Прво се викаше „Вардариште“, ама тоа изгледа не беше многу пријатно за нечии уши, па се прекрсти во „Лајка“. Таму кучињата се вакцинираат, се стерилизираат, се маркираат и пак се враќаат на улица. Демек превоспитани.
Арно ама, кучињата не читаат книги и не се свесни дека се вратени на улица со најдобри намери и желби да ни го разубават животот, туку си тераат по старо.
Се разбира, мојава приказна нема да им биде по меракот на многубројните заштитници на кучешкиот род, кои не се навикнати да слушаат груби зборови за нивните миленици. Однапред се оградувам од какви било коментари или дискусии. Ако сакаат разговор, нека им се обратат на луѓето за чии маки и страдања читаме секојдневно во црните хроники. Извртувањето на фактите најмалку би сакал да го практикувам или да се поведувам по некакви помодарства и извештачени вредности. Сепак, човекот ми е помил и подраг од кучето.
Под притисок на тие силни пропагатори на љубовта кон кучињата скитници, надлежните во чудни околности ги напуштија сите вообичаени методи за справување со нив и преминаа на најхуманата варијанта, според таквите толкувања на реалноста. Гледаме секојдневно каков резултат дава таа варијанта. Убаво е да се сакаат кучиња, па макар и оние што напаѓаат луѓе што мирно шетаат низ градот. Но, сепак, малку е поубаво да се сакаат луѓето. И тука не би требало да има дилема. Или не?