Фото: Игор Бансколиев

Според сите соговорници, „граѓаните веќе препознаваат дека животниот стандард им е загрозен од корупцијата“ и „ свесни се за стравотниот негативен долгорочен ефект на корупцијата по општеството“. Всушност, корупцијата како општествен феномен е нераскинливо поврзана и со другите егзистенцијални тешкотии на граѓанското живеење: невработеноста, сиромаштијата, ниските приходи или политичката нестабилност. А препознавањето на ваквиот негативен преплетен сплет на општествени феномени, според аналитичарите со кои се консултиравме, се должи на еден подолгорочен „неформален граѓански скрининг“ на општествено-социјалните и економски аномалии, кои најмногу ги загрижуваат граѓаните на Македонија

Во кој сегмент од своето живеење луѓето најмногу ги чувствуваат слабостите на државата и на општеството

На неодамнешното одбележување на 20-годишнината од постоењето и работата на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) беше истакнато дека „корупцијата веќе е верификувана како еден од најголемите општествени проблеми“ и задача што приоритетно треба да се решава, паралелно со егзистенцијалните прашања, како невработеноста, сиромаштијата, ниските приходи или политичката нестабилност. Исто така, интересно е што беше издвоен фактот дека „граѓаните веќе препознаваат дека животниот стандард им е загрозен од корупцијата“. Всушност, корупцијата како општествен феномен е причински-последично поврзана со другите гореспоменати егзистенцијални тешкотии на граѓанското живеење. Препознавањето на ваквиот негативен преплетен сплет на општествени феномени се должи на еден подолгорочен „неформален“ граѓански скрининг на општествено-социјалните и економски аномалии, кои најмногу ги загрижуваат граѓаните на Македонија. Таквиот предизвик отвора прашања од видот во кој сегмент од своето живеење граѓаните најмногу ги чувствуваат слабостите на државата и на општеството.

Најдобар граѓански скрининг на општествените слабости е преку животниот стандард на граѓаните

Поранешниот гувернер на Народната банка на Македонија и министер за финансии, Петар Гошев упатува дека најдобриот граѓански скрининг на општествените слабости може да се направи многу едноставно – преку животниот стандард на граѓаните.
– Слабостите на една држава и општество најдиректно се одразуваат на животниот стандард на граѓаните. Тоа е она за кое вообичаено и се најзагрижени граѓаните, а според стандардот може да се направи мошне прецизен „скрининг“ на граѓанското незадоволство. До неодамна граѓаните не препознаваа дека нивниот животен стандард е директно загрозен од корупцијата, дека преку овој негативен општествен феномен всушност им се крадат нивните пари. Граѓаните не се (или барем не беа) доволно сензитивни на корупцијата како проблем што директно ги допира. Во истражувањата на јавното мислење што ги спроведуваме во времето на мојата политичка активност, најчесто на прво место како најголема грижа на граѓаните се наведуваа невработеноста и ниските плати. Корупцијата, како причина за загриженост заземаше од трето место па надолу, со голема разлика во процентот на изјаснување, за разлика од првите две категории. Состојбата што направи корупцијата во Македонија да биде феномен од ендемски вид (вкоренет во општеството) е неказнивоста. А во земја со висока корупција нема економски развој, нема подобрување на животниот стандард. Немањето економски развој, всушност, се украдените пари од граѓаните. Неказнивоста на корупцијата укажува на дефекти во правната држава, нема правда, нема правичност. Во таква држава – нема развој, нема просперитет на животниот стандард на граѓаните. За жал, во Македонија не доживеавме од ниту една власт проекти за развој, туку главно се сведуваа на проекти за лаги – вели економскиот експерт Петар Гошев.

Корупцијата вградена во сите негативни „…изми“

Симптомите на непотизам (роднинско-пријателски критериуми), партизам (партизираност), клиентелизам (сервилност во исполнување на барањата на помоќните), како елементи на дијагнозата за недоволна ефикасност на функционалноста на управувачкиот систем на македонската држава, како на внатрешно и надворешнополитички план, а уште повеќе на економско- финансиски план, се само некои од појавните форми на корупцијата. Во речиси секојдневните афери од политичкото, правното, економското функционирање на државата можат да се препознаат една-две или повеќе од овие негативни „изми“. Нема да се згреши ако во сѐ уште нестивнатата афера за избор на шеф на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се детектираат и непотизам, и партизам, и клиентелизам. Овие појави имаат големо влијание во создавањето и на состојбата на енергетско-економска зависност на Македонија, што траело со години со неодржување и неразвивање на домашните капацитети, а излезе алармантно на виделина оваа година, предизвикано од геополитичката криза од руско-украинскиот конфликт. Клиентелизмот, пак, е очајно препознатлив и во конструирањето на надворешнополитичките релации, особено во последните пет години, што ги развива Македонија. Колку што повеќе минува времето, Преспанскиот договор со Грција, со кој беше сменето името на државата, но и Договорот за добрососедство со Бугарија, сѐ повеќе излегуваат како вградени „фабрички грешки“ на штета на Македонија, симптомите на клиентелизмот вградени во нив сериозно ги загрозуваат суверенитетот на државата и националниот идентитет на Македонците. Како најнова иронија на клиентелизмот во македонската надворешна политика се очекувањата на новата амбасадорка на Грција, неодамна пристигната во Скопје, за целосно спроведување на Преспанскиот договор од страна на Македонија. Иронијата е во тоа што Македонија ги реализира речиси сите побројни барања за неа наведени во договорот уште во првата година по потпишувањето, а Грција ниту една од тие две-три обврски што формално ги прифати. За жал, во Македонија не се манифестираат знаци на освестување дека со коруптивна психологија и дејствување не може достоинствено да се позиционира во меѓународните односи.