Обилните дождови го парализираа Истанбул, поплавија домови, деловни објекти и улици, а најмалку две лица го загубија животот. Спасувачките екипи работеа во текот на ноќта за да извлечат стотици луѓе заглавени на своите работни места, пренесува „Асошиејтед прес“ (AP).
Поројниот дожд што почна во средата вечерта предизвика поплави на улиците, подвозниците и приземните простории, оставајќи бројни возила заробени во водата и предизвикувајќи сообраќаен хаос во најголемиот турски град.
Според локалните медиуми, две лица загинале во одделни несреќи.
Четиринаесетгодишно момче настрадало од струен удар откако згазнало во вода во парк во населбата Фатих. Во населбата Саријер, 34-годишно лице се лизнало на тротоар, паднало и ја удрило главата.
Дождот продолжи да паѓа и утринава, а од Градската управа на Истанбул соопштиja дека во некои делови од градот е забележано најголемо количество врнежи од 1985 година.
Поради тешките временски услови, надлежните одлучиja денеска да нема настава, додека дел од вработените во државните институции добиja слободен ден.
Гувернерската канцеларија ги повика граѓаните да останат дома, освен ако патувањето е неопходно, а на жителите на становите во подрумските простории им e препорачано да ја поминат ноќта на побезбедно место.
Невремето предизвика сериозни проблеми во секојдневното функционирање на Истанбул, додека спасувачките служби продолжуваат со интервенциите за помош на загрозените граѓани.



































