Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднесе кривична пријава против А.А. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“ по член 378 од Кривичниот законик, соопшти МВР.
– Пријавениот, вработен во Одделот за заштита на определени личности и објекти при МВР, и покрај тоа што на 03.03.2026 и 09.07.2026 не дарувал крв во ЈЗУ Институтот за трансфузиона медицина при комплекс клиники „Мајка Тереза“, изготвил и употребил две лажни потврди за дарување на крв за што изготвил две барања за користење платено отсуство од три работни денови за деновите 03.03.2026, 04.03.2026 и 05.03.2026, како и за 09.07.2026, 10.07.2026 и 13.07.2026, по што ги искористил.
Одделот за внатрешна контрола против А.А. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина – се вели во соопштението на МВР.



































