Фото: ЈОРСМ

Јавниот обвинител Ненад Савески, заедно со јавни обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кои постапуваат во предмети за трговија со луѓе, денеска оствари билатерални средби со претставници на обвинителствата од Бразил, Колумбија и Венецуела, пренесе МИА.

Како што соопшти Јавното обвинителство, на средбите учествувале обвинители кои во своите земји работат на случаи поврзани со трговија со луѓе и други форми на организиран криминал.

Средбите се одржале на маргините на дводневната Регионална експертска средба за зајакнување на прекуграничната соработка и заштита на странските жртви на трговија со луѓе во Западен Балкан, која се одржува во Скопје под покровителство на Канцеларијата на Обединетите нации за борба против дрога и криминал (УНОДЦ).
На состаноците биле разменети искуства и информации за конкретни истраги и постапки во случаи на сомнение за трговија со луѓе, во кои осомничените или жртвите потекнуваат од држави во Јужна Америка.

Од Јавното обвинителство информираат дека е договорено продолжување на директната соработка, како и разгледување на можноста за потпишување меморандуми со обвинителствата од трите земји. Целта е дополнително да се унапредат каналите за размена на информации и да се овозможи поефикасен прогон на меѓународниот криминал.