ШАХ
- Алкалоид пред 10 години во Нови Сад стана првиот македонски европски шампион, а лани беше втор, што претставуваше вкупно трета вицешампионска титула за клубот во ЕКК
Најуспешниот шаховски клуб во Македонија, Алкалоид (28 титули, 18 во низа), е треторангиран според актуелниот рејтинг на играчите (2.686) пред претстојниот 41. Европски клупски куп (ЕКК), во Херцег Нови (Црна Гора), кој почнува в сабота. Втор македонски претставник во машка конкуренција ќе биде клубот Мулти Есенс (2.280, рангиран 42.), кој го сочинуваат младите шахисти од школата на ШК Алкалоид. Гамбит АСЕЕ и Гостивар ќе играат во женска конкуренција.
На отворениот турнир на ЕКК 2026 ќе настапат 108 екипи со 750 шахисти (110 ВМ, четири ЖВМ, 102 ИМ, еден ЖИМ, 151 ФМ, 8 ЖФМ). Алкалоид точно пред 10 години во Нови Сад (Србија) стана првиот македонски европски шампион, а лани беше втор, што претставуваше вкупно трета вицешампионска титула за клубот во ЕКК, и заедно со другите екипи од првата петорка се смета за еден од главните фаворити годинава во трката за медалите и за славеничкиот пехар.
Годинава прворангиран е турскиот клуб Бајеган Пендик (просечен рејтинг 2.715 поени), втор е Суперчес Романија (2.698), а чешкиот Нови Бор, кој е и бранител на титулата од лани, е четврти (2.659). На турнирот се пријавени 107 екипи. На ЕКК ќе игра и шахистот со највисок рејтинг во Македонија (2.560), репрезентативецот Евгени Романов, кој ќе ги брани боите на црногорскиот клуб, Електропривреда. Играч со највисок рејтинг на ЕКК е велемајсторот (ВМ) од Узбекистан, Нодирбек Абдусаторов (2.780), кој игра за Суперчес Романија.
Мулти Есенс (2.280, рангиран 42. пред ЕКК 2026) првпат учествува на вакво најквалитетно клупско натпреварување, што секако дека ќе биде големо драгоцено искуство. Предводени од ИМ Филип Панчевски, во составот се и двете најдобри репрезентативки на Македонија, ЖФМ Моника Стојковска и ЖФМ Моника Жежовска. Прворангиран клуб е Монте Карло (2.477), а прворангирана шахистка е членката на овој клуб, ВМ од Русија, Александра Горјачкина (2.536).
Во женска конкуренција на 30. ЕКК ќе настапат 22 клуба (седум ВМ, 13 ЖВМ, 19 ИМ, 12 ЖИМ, два ФМ, 20 ЖФМ) со вкупно 103 шахистки. Македонија ќе ја претставуваат Гамбит АСЕЕ (2.328, рангиран осми) од Скопје и Гостивар (2.060, рангиран 14.). Во 2025 година на ЕКК во Скопје, Гамбит Асеко СЕЕ постигна огромен успех, освојувајќи го сребрениот медал. Победниците во двете категории ќе бидат познати по одиграните седум кола со стандардно време за размислување. Отворениот турнир ќе се игра на шест, а турнирот за шахистки на четири табли. Титулите лани ги освоија Суперчес Романија и Монако.
ШК АЛКАЛОИД: ВМ Арјун Еригаиси (Индија, 2.746), ВМ Ју Веи (Кина, 2.758), ВМ Јангји Ју (Кина, 2.704), ВМ Арвинд Читамбарам (Индија, 2.677), ВМ Абхиманју Пураник (Индија, 2.622), ВМ Александар Инѓиќ (Србија, 2.606), ВМ Велимир Ивиќ (Србија, 2.581), ВМ Звонко Станојоски (Македонија, 2.371).
ШК МУЛТИ ЕСЕНС: ИМ Филип Панчевски (2.432), ИМ Тони Лазов (2.287), Михаил Јорданов (2.264), Стојан Велкоски (2.054), Матео Ефтовски (2.093), ЖФМ Моника Стојковска (2.074), ЖФМ Моника Жежовска (2.053), ИМ Емил Ристески (2.431).
ШК ГАМБИТ АСЕЕ: ИМ Олга Баделка (Австрија, 2.408), ЖВМ Белослава Крастева (Бугарија, 2.356), ИМ Лаура Унук (Словенија, 2.318), ЖВМ Викторија Радева (Бугарија, 2.229), Ангелика Валкова (Украина, 2011).
ШК ГОСТИВАР: ЖФМ Емилија Деак-Сала (Австрија, 2.120), ЖФМ Петја Караиванова (Бугарија, 2.055), ЖФМ Патриција Најманова (Бугарија, 2.056), ЖФМ Клеан Шукја (Албанија, 2.008). Г.И.

































