Маките на фирмите од Автокоманда

Можното затворање педесетина фирми не оди рака под рака со определбата на Владата за поддршка на домашните претпријатија, пред сѐ на приватните мали и средни претпријатија што инвестираат и отвораат нови работни места. Не им оди во прилог и на напорите за владеење на позитивна деловна клима, ослободена од политички притисоци и репресии, и за елиминирање на митото и корупцијата во државната администрација и во деловниот свет

Имало и има стотици примери што покажуваат дека државната бирократија работи често против граѓаните. Нема град, речиси нема населено место во кое не е познат случај граѓанинот да биде онеправдан, бизнисот да му биде загрозен, правата да му бидат спречувани, дури и оневозможени. Лавиринтите на градската или општинската локална администрација во кои се ставаат индивидуални или правни лица често се без излез.
Еден таков бизарен случај многу години се влече во Скопје, на релацијата Град – Општина Гази Баба. На педесетина фирми, главно производни, сервисни и продажни, им се затворените приодите и сопствениците и вработените не може нормално да стигнат до своите работни места. Нема начин како со своите автомобили да стигнат до работните локации. Нема улица, нема пат. Како што не можат да пристапат вработените, уште помалку пристап до тие сервиси и продавници имаат муштериите.
Нивната локација е кај таканаречената источна порта на градот, на автопатскиот булевар Александар Македонски (ако уште така се води во скопските урбанистички книги), на излезот од Скопје кон Велес и Куманово, кај Автокоманда. Тие објекти се сместени под и околу клучката Естакада, која од една страна води кон Аеродром и Лисиче, а од друга кон Автокоманда и Железара. До пред извесно време имаа можност преку помошна уличка што минува пред „Алкалоид“ и Пивара да стигнат до своите објекти, но сега и таа уличка им е затворена со бетонски столпчиња. Ако сакаат да стигнат, мора да прават сообраќајни прекршоци нешто подолу кај ЕМУЦ, а ги прават по цена на животен ризик, свесни за опасната постапка или изложеноста на казна за сообраќаен прекршок.
Сума сумарум голготата на сопствениците трае дваесетина години, од времето на градоначалствувањето на Ристо Пенов, Трифун Костовски, Коце Трајановски, Петре Шилегов, па до денешен ден. Еден од сопствениците таму е Ѓоше Мирчев, машински инженер, кој има продавница за висококвалитетни германски автомобилски делови и холандски масла, под името на фирмата „Оптикооп“. Мирчев речиси две децении работел во Германија, во Македонија беше претставник на големата компанија МАН. Тој во своите кругови е познат и признаен стручњак во автомобилската индустрија, специјалист за производство на автобуси и техничко одржување тешки камиони.
Како претставник на сопствениците од тие локации е најангажиран во барањето решение, иако такво решение има во џеб долги години.

Поседува неколку писмени решенија во негова корист, но градска или општинска реализација нема. Имено, во папки што зафаќаат волумен на еден куфер, Мирчев поседува документи, нацрти, планови, одобренија што докажуваат дека ги има платено и добиено сите можни барања за слободен влез до неговиот објект и до другите објекти во неговата околина.
Врз основа на тоа има добиено сообраќајна дозвола за улицата, има платено и добиено урбанистичко решение во негова корист, има куп акти што докажуваат дека за сите барања е во право, но тоа право никако не може да го искористи. Уличката за која ги има добиено сите документи е заградена со столпчиња и сега е претворена во велосипедска патека, иако на неа има место и за автомобили и за велосипедисти.
Нема врата каде што нема тропнато, нема надлежна институција каде што се нема обратено, каде што не си го побарал своето право. Некаде добивал само ветувања, најчесто добивал позитивни решенија, плаќал сѐ што требало регуларно да се плати, ги платил сите такси, но никаде не сакал да дава мито, кое му било барано во четири очи. Мито барале и административците од Градот, не биле помалку апетитлии и оние од Општина Гази Баба. Како и да е, пристап до објектот нема ниту тој како сопственик, ниту пак може да се снајде муштерија што би посакал да купи екстра квалитетни германски автоделови.
Што им останува сега на педесетината сопственици на тамошните објекти, погони, сервиси и продавници. Тие креваат рамена, при крај се со своето трпение и нерви. Дилемата им е дали да ги затворат објектите и дејностите од кои живеат или да се организираат и да го затвораат булеварот секој ден по неколку часа. Тоа би значело да биде во застој сообраќајот кон Велес и Куманово од едната страна и обратно на другиот спротивен колосек. Тоа е една од главните скопски сообраќајни артерии. Не го сакаат вториот начин, но некои од загрижените сопственици го сметаат тоа за единствена можност за да ѝ го свртат вниманието на градската и на општинската администрација кон овој навистина сериозен проблем.

Сите од ред тврдат дека со тоа што им е затворен приодот не само што им е загрозен бизнисот туку загрозена им е егзистенцијата на нивните семејства. Од една страна државата вложува средства, дава дотации, субвенции, овозможува поволности за развој на економијата, а од друга се прави слепа пред еден очигледен проблем во кој граѓаните се во право.
Тие не бараат од државата парична помош или нешто слично, бараат само да им се овозможат услови да работат и да заработуваат. Не сакаат да бидат државен товар, да бидат претворени во социјала. А тоа не чини многу, само да се отвори сега затворената улица и да се почитуваат порано одобрените урбанистички дозволи и сообраќајни решенија што ги донеле истите задолжени ресори на Градот и Општината.
Можното затворање педесетина фирми не оди рака под рака со определбата на Владата за поддршка на домашните претпријатија, пред сѐ на приватните мали и средни претпријатија што инвестираат и отвораат нови работни места. Не им оди во прилог и на напорите за владеење на позитивна деловна клима, ослободена од политички притисоци и репресии, и за елиминирање на митото и корупцијата во државната администрација и во деловниот свет.
Значи, станува збор за улица што значи живот за педесетина фирми што работат, што произведуваат, што нудат производни и сервисни услуги, што не се државен финансиски товар. Напротив, редовно ги намируваат своите даночни обврски, го полнат буџетот со свои придонеси, вработуваат нови лица, а сепак не може да го остварат еднаш веќе стекнатото право да имаат пристоен пристап до своите објекти.
Европската статистика вели дека малите и средните претпријатија претставуваат околу 98 отсто од севкупниот бизнис во Европа и вработуваат повеќе од 90 милиони луѓе. Таква е европската статистика, такви се и залагањата на македонската влада, но само на хартија. Во практика е сосема поинаку, како што ни покажува случајот со објектите крај булеварот Александар Македонски кај Автокоманда, кај клучката Естакада, познатиот источен излез-влез на градот Скопје.

[email protected]