Фото: Принтскрин/Јутуб/Илустрација

Пожар избувнал на брод закотвен во територијалните води на Романија, по што екипажот бил евакуиран, соопштија романските власти. Инцидентот се случува во период на зголемена загриженост поради можни хибридни напади во Црното Море поврзани со Русија, објави „Ал Џезира“.

Романскиот министер за одбрана Раду Мируца во средата изјави дека засега не е јасно дали бродот бил погоден од дрон. Станува збор за танкерот „Јара Џеј“ (Yara J), кој плови под знамето на Коморските Острови и превезува хемикалии и нафта. За случајот треба да биде спроведена истрага.

Во средата повеќе дронови го нарушиле романскиот воздушен простор во близина на границата со Украина.

Инцидентот следува по нападите со дронови врз два брода во близина на бугарскиот брег на Црното Море во вторникот, при што еден од нив потонал, соопшти бугарскиот премиер Румен Радев.

Радев изјави дека засега нема јасни докази за тоа кој стои зад нападите, но оцени дека нивниот исход ѝ оди во прилог на Русија. Тој најави и дека рускиот амбасадор ќе биде повикан на разговори поради инцидентот.

Нападите врз бродовите и зачестените инциденти со дронови дополнително ја зголемуваат загриженоста за безбедноста на пловидбата во Црното Море, особено во близина на териториите на земјите членки на НАТО.