Црно Море ги спојува украинското и блискоисточното воено жариште во единствен фронт?
- Двата напада врз трговски бродови во близината на бугарскиот брег извршени за само една недела ги отвораат прашањата за безбедноста на Алијансата, за руско-западното надмудрување, како и за опасноста од прелевање на конфликтот кон Балканот
Два товарни брода беа погодени од беспилотни летала во Црно Море, во близината на бугарскиот брег, при што едниот потона, а 11 члена на неговиот екипаж се водат како исчезнати. Другиот брод, „Челзи 3“, бил погоден од три дрона, но сите 15 морнари, Украинци и Азербејџанци, биле спасени. Потонатиот брод, според бугарските власти, се наоѓал на околу 30 километри од селото Крапец.
Станува збор за втор ваков инцидент во рок од една недела, откако претходно во Црно Море потона друг товарен брод, по што исчезнаа и неговите членови на екипажот. Повторувањето на нападите во близината на територијата на земја членка на НАТО и Европската Унија го претвора случајот од поморска несреќа во сериозно безбедносно прашање за цела Европа, пишува „Ројтерс“.
Бугарија засега не ја обвини директно Русија за нападите, но премиерот Румен Радев ја повика руската амбасадорка Елеонора Митрофанова на разговор и побара објаснување за случувањата. Неговата порака е внимателно формулирана, но политички јасна дека Софија нема конечни докази за потеклото на беспилотните летала, но смета дека исходот од нападите ѝ оди во прилог на Москва.
– Нашата земја нема дефинитивни докази за потеклото на беспилотните летала што се користат во нападите, но нема логика Украина да ги уништува сопствените бродови во Црно Море – ѝ рекол Радев на руската амбасадорка, според медиумите.
Митрофанова изјавила дека ја разбира таквата логика, но не ја исклучила можноста нападите да претставуваат провокација од трета страна. Москва засега нема јавно преземено одговорност за инцидентите, ниту се наведени докази што дефинитивно би го утврдиле нивниот извршител.
Радев побарал и поддршка од НАТО и од Европската Унија за зајакнување на бугарскиот надзор над воздушниот простор и поморските комуникации.
Од своја страна, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, порача дека Алијансата ќе продолжи да го следи безбедносното опкружување и ќе ги приспособува своите одбранбени мерки според потребите.
– Веќе го зајакнавме нашето присуство по должината на источното крило и ќе продолжиме да го следиме безбедносното опкружување, приспособувајќи ги нашите мерки за одвраќање и одбрана по потреба – изјави Руте, според „Еуроњуз“.
Тест за подготовка на Алијансата
Но зад прашањето кој ги испратил дроновите се наметнува и дилемата дали Црно Море станува простор во кој се испитуваат границите на одговорот на НАТО.
Два напада врз цивилни бродови за толку краток период не се доволни сами по себе за да се докаже дека станува збор за координирана стратегија против Алијансата, но сепак, повторувањето на инцидентите, нивната близина до бугарскиот брег и последиците по цивилниот поморски сообраќај се доволни за да се наметне потребата од поширока безбедносна процена.
Ако целта е да се наруши трговската пловидба, да се зголеми цената на осигурувањето, да се предизвика страв кај бродските компании или да се принудат европските држави да трошат повеќе ресурси за заштита на своите морски граници, тогаш ефектот би бил многу поширок од непосредната материјална штета. Со релативно ограничени средства може да се создаде несразмерно голем политички и економски метеж.
Токму овие инциденти ја истакнуваат во прв план слабоста на современата безбедност. Имено, беспилотните летала овозможуваат напади со релативно ниски трошоци, додека одбраната бара скапи системи за откривање, следење и за пресретнување. За државите што треба да заштитат долги крајбрежја, трговски пристаништа и поморски коридори, ова е сериозен предизвик.
Во такви околности, секој нов инцидент може да биде и тест за брзината на реакција, размената на разузнавачки информации и координацијата меѓу националните власти и командните структури на НАТО. Не е неопходно нападот да биде насочен директно против воен објект за да се создаде притисок врз Алијансата.
Ризикот од спојување на две светски воени жаришта во еден фронт со Црно Море
Црно Море одамна не е само трговска маршрута туку и еден од главните простори на стратегиското надмудрување меѓу Русија и Украина, со непосредни последици за Турција, Романија и за Бугарија. Нападите врз бродовите се случуваат во услови на поширока војна во која поморските пристаништа, извозот на жито и енергетската инфраструктура се дел од конфликтот.
Затоа, и без конечен доказ за одговорноста, секој напад врз трговски брод во оваа област неизбежно добива геополитичка димензија. Украина и нејзините западни партнери имаат интерес да ја одржат слободата на пловидбата и извозот преку Црно Море, додека Русија настојува да го зачува своето воено и политичко влијание во регионот. Секое нарушување на поморскиот сообраќај може да предизвика последици врз снабдувањето, цените и врз пошироката економска стабилност. Но најголемата опасност е во можноста еден напад да биде погрешно протолкуван, а потоа да предизвика одговор што ќе отвори нова фаза на ескалација. Доколку се потврди дека беспилотни летала биле лансирани од територија или од средства поврзани со една од завојуваните страни, тоа сè уште не значи автоматски дека нападот бил насочен против НАТО како организација. За таква процена ќе бидат потребни докази за потеклото, намерата и за конкретните околности.
Истовремено, членството на Бугарија во Алијансата не значи дека секој инцидент во нејзината близина автоматски ќе предизвика воен одговор, но секако значи дека Софија има право да бара поддршка од сојузниците за заштита на својата безбедност и дека НАТО мора сериозно да ги процени сите ризици од прелевање на војната.
Балканот не е изолиран од црноморската криза
За Балканот, ваквиот развој е особено чувствителен. Регионов се наоѓа на пресекот на повеќе стратегиски интереси, а неговата безбедносна рамнотежа во голема мера зависи од стабилноста на поширокото црноморско и источноевропско опкружување.
Грчко-турските тензии се дополнителен фактор на неизвесност. Иако Атина и Анкара се сојузници во НАТО, нивните несогласувања околу Егејско Море, воздушниот простор, поморските граници и Кипар периодично создаваат опасни ситуации. Доколку воената и политичката конфронтација меѓу Русија и Западот дополнително се заостри, секоја постојна регионална криза може да добие пошироко стратегиско значење. Тоа не значи дека нападите врз бродовите во близината на Бугарија нужно ќе предизвикаат нова криза меѓу Грција и Турција, но, во услови на зголемена воена активност, засилено присуство на сојузничките сили и растечка недоверба меѓу големите сили, просторот за погрешни процени станува помал. Инцидент што во други околности би бил локализиран може да предизвика дипломатски притисок, засилени воени патроли и нови меѓусебни обвинувања.
Во овој момент, нема доволно јавно достапни докази за конечен одговор. Но фактот дека цивилни бродови повторно се напаѓаат во близината на територијата на земја членка на НАТО е предупредување што не смее да се потцени. Црно Море може да стане уште една точка во која ќе се судираат интересите на големите сили, а последиците нема да застанат на неговите брегови. За Балканот, најважно е сојузниците да бидат подготвени да ги спречат заканите, но и доволно внимателни за да не дозволат секој нов инцидент да стане повод за поширока конфронтација.
За Македонија, која е членка на НАТО, стабилноста на Бугарија и на поширокиот регион не е прашање што може да се набљудува од страна. Секоја ескалација во Црно Море може да влијае врз европската безбедносна политика, економските текови и врз приоритетите на Алијансата, а со тоа и врз безбедносната средина во која се наоѓа нашата земја. С.Т.
Кој навистина ги лансира дроновите кон бродовите кај Бугарија?
Иранска вмешаност како безбедносна верзија за анализа
- Новите напади врз бродови во близината на бугарскиот брег повторно го отвораат прашањето дали Црно Море станува поприште на поширока геополитичка пресметка. Прстот првенствено се насочува кон Москва, во контекст на руско-украинската војна, но дали со тоа се исцрпуваат сите можни сценарија
Во нашиот текст од 9 октомври се анализира една друга, помалку истражена можност, односно ја отвора безбедносната верзија за евентуална иранска одмазда кон Бугарија поради дозволеното американско воено присуство во базата Безмер.
Техеран претходно предупреди дека таквото присуство може да ја вовлече Софија во конфликтот, а во јавноста се појавија и информации за разгледување американски цели во Југоисточна Европа. Тоа не е доказ за иранска вмешаност, туку безбедносна индиција што заслужува проверка. Особено затоа што дроновите овозможуваат напад со ограничена непосредна изложеност на извршителот и без јасно преземање одговорност. Сепак, за издвојување е дека досега нема јавно објавени форензички докази што ги поврзуваат нападите од 6 октомври со Иран.
Затоа, ниту руската ниту иранската верзија на безбедносна закана не треба да се третираат како потврдени. Оние што го ставаат тежиштето на поголема веројатност на руската хипотеза анализираат дека таа се вклопува во непосредниот контекст на војната во Црно Море. Од друга страна, иранската хипотеза (безбедносна верзија) отвора можност за поширока, посредна конфронтација меѓу Техеран и Вашингтон на европска територија.
– Клучното прашање не е само кој ги испратил дроновите туку и кому му користи нападот и каква порака се испраќа преку изборот на целта. Додека нема цврсти докази, секое категорично обвинување е прерано. Но отфрлањето на алтернативните сценарија пред истрагата да заврши може да биде еднакво погрешно – кусо коментираат наши соговорници со кои се консултиравме, воени и безбедносни експерти. С.Т.
































