Портпаролот на опозициската Демократска партија на Косово (ПДК), Фатон Абдулаху вели дека неговата партија се подготвува да ја урне владата предводена од лидерот на Движењето самоопределување, Албин Курти, поради неговата конфронтација со САД и другите западни сојузници, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во синоќешното интервју за телевизијата ТВ1, Абдулаху изјави дека ПДК и нејзиниот лидер, Мемли Красниќи, се „единствената алтернатива“ за државата во кризата предизвикана од напуштањето на институциите од страна на косовските Срби поради одлуката на Курти да ги казнува тие што нема да ги сменат регистарските таблички издадени од Србија со таблички со ознаката РКС – Република Косово.
– ПДК е во процес на реформирање, а реформите понекогаш се болни. Ние сме подготвени да ја урнеме оваа влада, да понудиме алтернатива за спас на Косово од она кон што го води оваа влада. Убедени сме дека ПДК со господинот Мемли Красниќи како претседател е единствената алтернатива на оваа земја – рече Абдулаху.
ПДК, која е најголема опозициска партија во Собранието на Косово, како и другите опозициски партии на косовските Албанци, бараат од владата на Курти да ги прифати барањата на САД и на другите западни сојузници на Косово за одлагање на спроведувањето санкции за косовските Срби кои нема да ги сменат табличките. Тие очекуваат решение за проблемот да се најде во преговорите меѓу Приштина и Белград со посредство на Европската унија.
Од почетокот на месецов косовската полиција им изрекува укори на лицата кои не ги промениле табличките, а од идниот понеделник, 21 ноември, според владината одлука, ќе почнат да се изрекуваат парични казни. Оваа мерка е предвидено да трае до 21 април, кога ќе започне целосната примена на законот, односно ќе биде забрането движењето на возила со незаконски таблички издадени од Србија.
Најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, која е отворено поддржана од претседателот на Србија, Александар Вучиќ и од владата во Белград, најави дека во моментот кога ќе почнат да се изрекуваат казни, ќе започне „жесток отпор“ против властите во Приштина.