Македонските таеквондисти се добро подготвени и оптимистички расположени. Додевски и Релиќ ќе настапат утре, а Георгиевски в четврток. Првите три места тука не носат директен пласман на ЛОИ 2024, туку само поени, вели селекторот на македонската репрезентација, Костовски

ТАЕКВОНДО – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО МЕКСИКО

Македонските таеквондисти, предводени од селекторот Борче Костовски, повторно ќе бидат пред голем предизвик. Сребрениот олимпиец од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио лани, Дејан Георгиевски (категорија над 87 кг), Филип Додевски (до 87 кг) во машка и Мила Релиќ (до 62 кг) во женска конкуренција ќе ги бранат репрезентативните бои на Светското првенство (СП) за сениори, кое до недела се одржува во мексиканскиот град Гвадалахара.
– Македонските таеквондисти се добро подготвени и оптимистички расположени, а тоа значи дека одиме полека, од коло во коло до медал(и). Додевски и Релиќ ќе настапат утре, а Георгиевски в четврток. Првите три места тука не носат директен пласман на Летните олимписки игри во Франција во 2024 година, туку само поени. Ова е турнир од категоријата Г-12, на кој златниот медал носи 120 поени, сребрениот 90, а бронзениот 70 – вели селекторот на македонската репрезентација, Костовски.
Македонските таеквондисти веќе се во Гвадалахара и ги очекуваат своите настапи.
– Хотелот и сместувањето тука се одлични, салата каде што ќе се одвиваат борбите е многу блиску до нас. Единствен проблем засега ни претставува аклиматизацијата на временската разлика од дури седум часа во однос на Македонија, но и тој проблем полека ќе го надминеме и ќе се приспособиме на тамошното време – рече Костовски.
Олимпиецот Георгиевски (23) е најголемиот адут за медал во Мексико од македонските таеквондисти. Тој е носител на бронза од Европското првенство (ЕП) до 21 година и на злато од сениорското ЕП во 2017 година со само 18 години, потоа на бронза од Европското првенство (до 21 год.) во 2018-та, сребро од континенталното првенство во Солун во 2019-та, сребро од од ЕП 2020 во Сараево, сребро од Медитеранските игри во Тарагона во 2018 година и бронза од Медитеранските игри во Оран годинава, а победил и на повеќе меѓународни турнири. Г.И.