Само Пеле бил прогласен и за најдобар млад фудбалер и за најдобар играч на СП. Бекенбауер е во категоријата со тројца што биле прваци како фудбалери и како селектори, но тој е единствениот меѓу нив што освоил и трофеј за најмлад најдобар фудбалер на едно СП. Само Насази и Марадона биле капитени на светските прваци и прогласени за најдобри фудбалери на соодветното СП. Гаринча, Кемпес и Роси на титулите со репрезентациите ги додале и признанијата за најдобар фудбалер и за прв стрелец на СП…

ЛЕГЕНДИ НА СВЕТСКИТЕ ПРВЕНСТВА

На досегашните 21 светско првенство (СП), од 1930 до 2018 година, многу фудбалери и селектори имале свои ѕвездени моменти, а некои во разни категории се истакнувале и повеќепати. Испишувањето рекордерски листи почна со првиот шампионат, каде што се запиша Уругваецот Хозе Насази, а потоа се нижеа достигнувањата на Пеле, Марио Загало, Франц Бекенбауер, Диего Марадона, Паоло Роси, Дидие Дешам…
НАЈДОБАР И НАЈДОБАР: Бразилскиот ас Пеле, со прекар кралот на фудбалот, е најистакнатиот оти е единствениот со три светски титули. Но Пеле е и единствениот што бил прогласен и за најдобар млад фудбалер (до 21 година) на едно светско првенство и за најдобар сениор на мундијал. Првиот трофеј го освои на дебито, на СП 1958 во Шведска, со 17 години, а потоа беше најдобар на целото СП во 1970 година во Мексико.
ФУДБАЛЕР И СЕЛЕКТОР… И ПОЕДИНЕЧНА НАГРАДА: Од другите легенди на фудбалот и на светските првенства, тројца ја освојувале титулата и како фудбалери и како селектори. Прв го направи тоа Бразилецот Марио Загало (како играч во 1958 и во 1962 година и како селектор во 1970 година). По него на оваа листа се приклучи Германецот Франц Бекенбауер (1974 и 1990 година), а третиот со трофеи во две улоги е Французинот Дидие Дешам (1998 и 2018 година).
Но Бекенбауер од нив се издвојува, откако тој е единствениот што станал светски првак како фудбалер (во 1974 како капитен), бил селектор на светски шампион (СП 1990) и освоил индивидуален трофеј, бидејќи беше избран за најдобар млад фудбалер на едно СП (во 1966 година во Англија).
ТРОФЕЈ ВО НИЗА: Ниту еден фудбалер не бил двапати светски првак како капитен. Тоа на СП 2022 ќе може да го оствари Французинот Иго Лорис, голманот на актуелниот светски шампион. Дешам, пак, на СП 2022 може да стане само вториот селектор со две светски титули (првиот е Италијанецот Виторио Поцо, во 1934 и 1938 година).
ТИТУЛА И ИНДИВИДУАЛНО ПРИЗНАНИЕ: На досегашните 21 светско првенство имало и 21 со индивидуалната награда за најдобар фудбалер на турнирот, а само Уругваецот Хозе Насази (СП 1930) и Аргентинецот Диего Марадона (СП 1986) биле и капитени на светските прваци кога биле прогласени за најдобри на соодветното СП.
Од тие 21 фудбалер помалку од половината на истото СП биле и светски шампиони и прогласени за најдобри фудбалери, па покрај Насази и Марадона на оваа листа се и Џузепе Меаца од Италија (СП 1934), Диди од Бразил (СП 1958), Гаринча од Бразил (СП 1962), Боби Чарлтон од Англија (СП 1966), Пеле од Бразил (СП 1970), Марио Кемпес од Аргентина (СП 1978), Паоло Роси од Италија (СП 1982) и Ромарио од Бразил (СП 1994).

На претходните шест планетарни шампионати (од 1998 до 2018 година) таа награда не ја освои фудбалер на светскиот првак.
Бразилецот Леонидас (СП 1938), Италијанецот Саватеоре Скилачи (СП 1990) и Уругваецот Диего Форлан (СП 2006), пак, се единствените што го освоиле трофејот за најдобар фудбалер на едно СП, а не играле во финалето на соодветниот мундијал (настапиле во мечевите за третото место).
ТИТУЛА, СТРЕЛЕЦ, ГОЛМАН…: На една друга листа, пак, Бразилците Леонидас (СП 1938) и Гаринча (СП 1962), Аргентинецот Кемпес (СП 1978) и Италијанците Роси (СП 1982) и Скилачи (СП 1990) на наградата за најдобар фудбалер на едно СП го додале и признанието за најдобар стрелец (од нив Гаринча, Кемпес и Роси како членови на светскиот првак). Германецот Оливер Кан, пак, бил и најдобар играч и најдобар голман (на СП 2002).
Наградите за најдобар стрелец и за најдобар млад фудбалер на исто СП ги добиле Флориан Алберт од Унгарија (СП 1962) и Томас Милер од Германија (СП 2010).
МЛАДИ СО СВЕТСКИ ТРОФЕЈ: Меѓу наградените за најдобри млади играчи на еден светски шампионат, само Пеле (СП 1958) и Французинот Килијан Мбапе (СП 2018) на исто СП станале и светски прваци (згора биле и стрелци во финалето), а финалист бил Бекенбауер (СП 1966).


ФИФА ќе воведе подобрени фудбалски информации за телевизиската и онлајн публиката

За време на Светското првенство (СП) во Катар, Светската фудбалска федерација (ФИФА) ќе ги сподели најмодерните сознанија, метрика и податоци за перформансите во историјата на турнирите со светската телевизиска и онлајн публика, заедно со репрезентациите учеснички и нивните играчи, објави ФИФА на својата интернет-страница. Развиена од тимот на ФИФА за високи перформанси и предводена од шефот за глобален фудбалски развој на ФИФА, Арсен Венгер, ќе бидат понудени нови и возбудливи метрики за збогатување на покривањето и анализата на секој меч на СП. Секоја средба ќе има свој уникатен сет на подобрени визуелни снимки за фудбалска информација во текот и по мечот, претставени како проширена реалност и традиционална графика. Овие нови статистики ја разложуваат секоја област од играта на фини детали и обезбедуваат дефиниции и повеќе видеопримери за јасно дефинирање на секое дејство. Тоа ќе овозможи анализа не само на она што се случува кога се има топката туку и на движењата и интеракциите околу и надвор од топката за селекциите и играчите кога се и во и надвор од посед на топката.