Синдикатот бара оставка од Османи
Македонскиот дипломатски синдикат реагира на изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи, за оставката на директорот за протокол на МНР. Оттаму го прашуваат Османи до кога ќе ја лажел јавноста и ќе го жртвува угледот на дипломати. Од синдикатот обвинуваат дека не само што не се работи за оставка, туку споменатиот колега за една недела заминува на амбасадорска позиција во една голема земја, за каде, како што велат, картите му биле извадени уште пред инцидентот со знамињата.
– До кога ќе ја лаже јавноста господинот Османи? До кога ќе го жртвува угледот на дипломати за да се заштитите себе си од одговорност? Каква е таа оставка од државен службеник? Такво нешто не постои. Дали измислил некаков механизам за депонирање оставки на државни службеници? Тој многу добро знае дека оставки може да поднесуваат само функционери, како што е впрочем тој, кои се избрани или назначени на определен временски мандат. Службеници никако – се вели во соопштението од Дипломатскиот синдикат.
Во соопштението се наведува незадоволство од одредени постапки што му ги припишуваат на Османи.
– Нѐ загрижува неговото се почесто лажење. Летото „извади“ голем број дипломати на демонстрации пред Собранието, кога излажа дека сениорските дипломати во нашето МНР го разгледале односно се согласиле со потпишувањето на тнр. Француски предлог. Го злоупотреби нивниот авторитет за да се покрие себе си. Потоа, излажа дека евентуалното непотпишување ќе доведе до безбедносни тензии во Македонија. Тој во МНР лажел и високи дипломати дека ќе ја поддржи нивната кандидатура за највисоки меѓународни позиции во меѓународни организации, па потоа не го сторил тоа, нанесувајќи непосредна штета за државата. За сопствен пиар ги излажа дипломатите да се пријавуваат за амбасадорски места по имејл, но без конкурс, за потоа колегите да се исмејуваат со нив, а тој и натаму да си испраќа свои луѓе што немаат никаква врска, ниту искуство со дипломатија. Малку ли беше срамот со ТВ презентерки и деца на јавни лица на високи дипломатски и конзуларни позиции во странство? Дури, преку својот кабинет вршеше притисок на дипломати да клеветаат и да обвинуваат сопствени колеги за нешто што не го сториле, за да може да им отвора селективни дисциплински постапки – велат од дипломатскиот синдикат.
Бујар Османи, според синдикатот, е единствен министер во светската дипломатска историја од кого неговите дипломати се имаат оградено, а подоцна и барале оставка.
– Како синдикат се согласуваме дека оставка е потребна, но не некаква фингирана, од колеги кои не можат да дадат оставка. Оставка треба да даде господинот Османи, што побрзо, зошто во желбата да проектира поубава слика за себе, преку партизирање и централизирање на куќата на дипломатијата, сака да стави сѐ под своја контрола. Нема да дозволиме тоа да трае. Македонскиот дипломатски синдикат ќе продолжи да се бори за зачувување на дигнитетот на професијата и за остварување на економските, социјалните, здравствените и професионалните права на вработените во МНР. Куќата на дипломатијата ќе го врати стариот сјај – порачаа од Македонскиот дипломатски синдикат.