Трпаноски (втор од лево) на прославата во Љубљана

Претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Владимир Трпаноски, беше дел од свечената прослава, на која оствари средби со претседателот на Европскиот олимписки комитет, Спирос Капралос, и со претседателот на Европската џудо-унија, Ласло Тот

ВО ЉУБЉАНА

Инклузија е мотото под кое годинава Светската џудо-заедница го одбележа Светскиот ден на џудото. Мотото го потенцира значењето на уште една од вредностите на кои се темели џудото.
– Нашето џудо-семејство многупати докажа дека има способност да се обедини затоа што заедно сме посилни. Темата за инклузија има неколку димензии. Џудото е спорт што повикува на инклузија на жените во сите нивоа на џудото, почнувајќи од најмала до најголема возраст. Џудото е базирано на концептот на недискриминација и токму поради тоа, како Светска џудо-федерација, ги повикуваме сите џудисти, џудо-клубови, асоцијации, да покажат дека жените имаат свое место во џудото, а нивните права се вклучени во сите правни акти, независно дали станува збор за жени што тренираат или се предводници, тренери, судии во џудото. Мотото на Светскиот ден на џудото оди еден чекор понатаму, преку промовирање на вклучување на сите луѓе. Со ставањето на фокусот на инклузијата и обединувањето на нашето спортско семејство, уште еднаш сакаме да покажеме дека постои пат за поправедно општество – се вели, меѓу другото, во официјалното соопштение на Интернационалната џудо-федерација (ИЏФ).
Годинава на Светскиот ден на џудото, кој се слави на 28 октомври, по повод роденденот на основачот на џудото, Џигоро Кано, присуствуваше и претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Владимир Трпаноски.

Тој беше дел и од свечената прослава по повод 70 години од основањето на Џудо-сојузот на Словенија, која токму на Светскиот ден на џудото се одржа во главниот град на Словенија, Љубљана.
На свечениот прием, Трпаноски на своите домаќини, предводени од претседателот на Џудо-сојузот на Словенија, Ловренциј Галуф, им го честита големиот јубилеј, истовремено посакувајќи им уште многу успеси и заедничка соработки во периодот што следува.
Присуството на настанот, кој ги собра претседателите на џудо-федерациите од неколку европски земји, како и претседателот на Европскиот олимписки комитет (ЕОК), Спирос Капралос, и на Европската џудо-унија (ЕУЈ), Ласло Тот, Трпаноски го искористи за лични средби со двата челника, на кои се разговараше за тековните и идните проекти што ќе придонесат за доброто на македонското џудо, се вели во соопштението на официјалната веб-страница на ЏФМ. Г.И.