Со последниот „лапсус“ на Фон дер Лејен, Европејците ја преминаа границата на нашата толерантност и учтивост. Со тоа, веќе нема никаква логика да се докажува контрадикторноста на одредбите од Преспанската спогодба. Очигледно е различното толкување од наша страна и од страна на меѓународната заедница и европските институции во однос на потпишаните меѓународни договори: Преспанскиот со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија. Во јавноста јасно одекнуваат европските грчко-бугарски деривати од споменатите „договори“. Најпрво францускиот претседател Емануел Макрон нè нарече „северномакедонци“, а неодамна тоа повторно го направи претседателката на Европската комисија, Урсула фон
дер Лејен, и тоа од говорницата во македонската влада

Макрон и Фон дер Лејен како втемелувачи на новата „северна“ нација!?

Веќе е тешко да се поверува дека постојаното ословување на македонските граѓани од страна на голем број високи европски политичари со терминот „северномакедонци“ е некаков лапсус или обична грешка, но едно е сигурно, сѐ повеќе се очигледни индикаторите што укажуваат на „наметнатото форматирање и обликување однадвор на нова нација во согласност со новото државно име“. А гореспоменатото, повеќе од забележливо е дека добива на интензитет. Има ли смисла, логика или конкретен резон за оние што го практикуваат ваквиот јавен настап пред широк политички аудиториум, вклучувајќи и пред македонските граѓани и нивните политички и државни лидери и институции? Ако за нас веќе нема, за нив сигурно има, бидејќи „случајноста веќе исчезна“, по првото употребување на несоодветните изрази од највисокото европско институционално ниво.

Практика што ја преземаат сѐ поголем број странски политичари

Ако првично ваквите „лапсуси“ беа пласирани од страна на некои странски медиуми, подоцна оваа практика ја презедоа и голем број странски политичари, па сè почесто слушаме „северномакедонскиот премиер, претседател, министер“. Очигледно е различното толкување од наша страна и од страна на меѓународната заедница и европските институции во однос на потпишаните меѓународни договори: Преспанскиот со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија. Во јавноста јасно одекнуваат европските-грчко-бугарски деривати од споменатите „договори“. Најпрво францускиот претседател Емануел Макрон летоска нè нарече „северномакедонци“, за потоа да ја повлече изјавата и да ги одоброволи македонските граѓани полесно да го проголтаат таканаречениот француски (читај бугарски) предлог.
Неодамна тоа повторно го направи претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, и тоа од говорницата во македонската влада, додека до неа стоеше премиерот.
– Длабоко сум уверена дека северномакедонците ќе се обединат и ќе обезбедат мнозинство за изгласување на измените во Уставот. Вие направивте толку многу, отидовте далеку и длабоко сум уверена дека во Северна Македонија ќе најдете аргументи за конечно да се разбере дека сите сте одговорни за да придонесете земјава да се движи напред – рече Фон дер Лејен.
Таа и во претходната посета пред некој месец, кога се обрати во македонскиот парламент, на Твитер ја најави средбата со Стево Пендаровски како „северномакедонскиот“ претседател, а Собранието го нарече „северномакедонско“. По реакциите во јавноста, твитот беше коригиран.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека не треба да ѝ се замерува на претседателката на ЕК, бидејќи таа често ја посетувала земјава и треба да ѝ се прости лапсусот.
– Да имате фокус на претседател на Европска комисија, на Влада на најголемата економија во светот, да доаѓа секој месец во една мала држава, нешто што го посакуваат големите држави во Европската Унија, да ја имаат Фон дер Лејен во нивните земји и да покаже таков интерес, да имаат такви прес-конференции по однос на тоа што ни е важно нам, во однос на тоа дека јазикот станува еден од службените јазици, дека припаѓаме таму и да направи еден лапсус од тоа да создадете анимозитет кон тој интерес што го покажува, а не знам дали ќе го имаме постојано – рече Османи.

Дериватите од склучените меѓународни договори не се лапсуси

Токму инертноста на македонските власти постојано да реагираат на ваквите „лапсуси“, кои не само што зачестија туку станаа секојдневие, доведе до тоа секој да си дозволува да ги нарекува македонските граѓани „северномакедонци“, со што веќе и отворено се поставуваат контурите на нов „северномакедонски“ идентитет.
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски проблемот со креирањето нов северномакедонски идентитет го лоцира токму кај политичарите од власта и кај Владата.
– Владата, поточно кај СДСМ, за жал, поединци се претворија во „северномакедонски националисти“ и носители на идејата за „северномакедонска нација“. За разлика од политичарите од некогашното асномско јадро на СДСМ, кои јасно ги бранеа македонските интереси, самобитност и државност, кругот околу Зоран Заев е политички, културно и интелектуално најинфериорната политичка постава во Македонија. Тие нема да се осмелат да реагираат дури и кога пред нивни очи се навредуваат македонските граѓани – вели Боцевски.
Сепак, тој е оптимист во поглед на македонскиот идентитет и смета дека овој проект за рекреирање нова „северномакедонска“ нација нема да успее, колку и да го повторуваат тоа европските политичари.
– Јасно е дека сето ова е вештачки проект, без никаков темел или народна поддршка, па ќе падне како кула од карти – оценува Боцевски.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски не го дели оптимизмот на Боцевски и смета дека новото име на државата ќе го диктира и новиот идентитет.
– Нашиот нов идентитет ќе биде „северномакедонци“. На странците најлесно им е идентитетот да го врзуваат за името на државата. За жал, нашите политичари ништо не прават околу тоа прашање, на едните не им е гајле поради тоа што Македонија не ја доживуваат како своја, а другите остануваат неми поради сервилност и поддршка за останување на власт. Ние вистински банкротиравме на секое поле, вклучувајќи и на културно – заклучува Пекевски.
Своевремено со предупредување за опасностите од додавањето географска одредница на името Македонија излегоа и голем број јазични експерти и професори од земјава, кои уште пред потпишувањето на Преспанската спогодба рекоа дека не е во духот на зборообразувањето да остане придавката „македонски“, а државата да се вика Северна Македонија.
Сега, со примери што веќе се нижат на јавна сцена од страна на највисоките носители на функции во меѓународните институции и земји од ЕУ, станува повеќе од очигледно дека предупредувањата на многубројните интелектуалци од нашата земја, јазични експерти, историчари, правници и професори од земјава – биле оправдани.