Фото: рфм

Секаде во куповите имало изненадувања, се случи и тука, но мислам и дека го заслуживме овој успех, кој, секако, ќе биде поттик да работиме уште повеќе, изјави Лазаров, тренерот на Алкалоид

РАКОМЕТ – КУП НА МАКЕДОНИЈА

Ракометните екипи на Алкалоид во машка и на Ѓорче Петров во женска конкуренција се освојувачи на Купот на Македонија за годинава, кој се одигра изминатиот викенд во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. За избраниците на тренерот на Алкалоид, Кирил Лазаров, ова е прв трофеј во нивната клупска историја. Тие во полуфиналето, во докрај неизвесен меч, славеа над фаворитот Вардар со минимални 25-24, додека во големото финале го совладаа актуелниот шампион на Македонија, битолски Еурофарм Пелистер, но по подоброто изведување пенали (3-1), откако во регуларниот дел беше 22-22. Кристијан Симоноски со пет гола беше прв стрелец кај Алкалоид, по четири постигнаа Арно Бинго, Дамјан Митев и Мартин Велковски, додека кај битолчани Жарко Пешевски со седум гола. Еурофарм Пелистер претходно во полуфиналето го совладаа Тиквеш со 32-29.
За најкорисен играч (МВП) на завршницата на 31-то издание на Купот на Македонија беше прогласен бекот на Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски, за најдобар голман Иван Галевски од Алкалоид, а најдобар стрелец беше десното крило на битолчани Богдан Радивојевиќ.
– Победивме екстра-квалитетна екипа, со екстра-квалитетни поединци и колектив и затоа особено сум горд на моите играчи. И тоа не само денеска туку и во полуфиналето против Вардар. Кажав претходно дека сме аутсајдери, но чувствувам дека екипата е во нагорна линија, полна со самодоверба, која знае во секој момент што треба да прави и како да се однесува на теренот, иако на моменти затаивме затоа што имаме многу млади македонски играчи. Да се победат Вардар и Еурофарм Пелистер е навистина тешко. Секаде во куповите имало изненадувања, се случи и тука, но мислам и дека го заслуживме овој успех, кој, секако, ќе биде поттик да работиме уште повеќе – изјави Лазаров по успехот на Алкалоид.
Во женска конкуренција Ѓорче Петров, предводен од тренерот Симе Симовски, триумфира во домашниот Куп, откако во финалето со убедливи 36-24 го совлада Чаир. На тој начин тие ги обединија трофеите, бидејќи порано триумфираа и во домашното првенство. Анастасија Николовска со седум гола беше прв стрелец, Емилијана Ризовска постигна шест, Ана Марија Коларовски реализира петпати, додека кај Чаир најефикасна беше Бојана Диневска со седум гола. За МВП на турнирот беше избрана Марија Јанкуловска од славеничкиот тим, Ленора Рахмани од Чаир беше најдобар стрелец, а Магдалена Којовиќ исто така од Чаир беше најдобра голманка. Во полуфиналето Ѓорче Петров го победи Куманово со 31-14, а Чаир го совлада Вардар со 32-28. Г.И.