- Печатените медиуми имаат и посебна вредност во создавањето траен јавен запис за политичките, економските, културните и историските процеси. Весникот има поширока улога од средство за дневно информирање, бидејќи овозможува трајно сведоштво за сите случувања и претставува своевиден архив на општествените промени. Тука е незаменлива улогата на весниците со нивната децениска традиција, благодарение на која е изградена доверба кај читателите како веродостоен извор
Традиционалните медиуми, особено весниците, телевизиите и радиостаниците, имаат клучна улога во обезбедувањето објективни, точни и проверени информации, засновани врз високи новинарски стандарди, непоколебливи етички принципи и исклучителна професионална одговорност, чија цел е навремено и прецизно да ја информираат и едуцираат јавноста. Важната улога на печатените медиуми се препознава токму во нивната одговорност и професионалност, на кои остануваат доследни наспроти сите модерни трендови и промени на медиумската сцена на која информациите се достапни во секое време и од најразлични извори.
За разлика од неконтролираното објавување содржини на дигиталните и други современи платформи, професионалните традиционални редакции функционираат врз основа на утврдени новинарски принципи, уредувачка одговорност и стандарди за проверка на информациите. Од новинарот притоа се очекува да утврди што навистина се случило, да ги провери изворите, да ги слушне засегнатите страни и да обезбеди поширок контекст.
Печатените медиуми имаат и посебна вредност во создавањето траен јавен запис за политичките, економските, културните и историските процеси. Весникот има поширока улога од средство за дневно информирање, бидејќи овозможува трајно сведоштво за сите случувања и претставува своевиден архив на општествените промени. Тука е незаменлива улогата на весниците со нивната децениска традиција, благодарение на која е изградена доверба кај читателите како веродостоен извор.
Весниците нудат неизбришлива трага на испечатената содржина, која е отпорна и на исчезнувањето на дигиталните архиви или надворешни хакерски упади. Веќе испечатената содржина објавена во весникот не може да биде изманипулирана (избришана, преправена, фалсификувана) по ниеден основ и затоа печатеното издаваштво е она што треба да се негува и зачува како носител на историските вистини за кои постојано има обиди да се искриват и фалсификуваат.
Аналитичките текстови, интервјуата, колумните и истражувачките прилози овозможуваат темите да се обработат подлабински, во поширок контекст, од поинаков агол, настрана од општата првична информација. Традиционалните медиуми се истакнуваат и како коректив на институциите и носителите на политичката, економската и општествената моќ. Тие ја следат работата на државните институции, отвораат прашања од јавен интерес, укажуваат на неправилности и овозможуваат граѓаните да добијат увид во процесите што непосредно влијаат врз нивниот живот.
Во таа смисла, традиционалните медиуми имаат важна улога и во зачувувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет. Преку афирмацијата на македонскиот јазик, културното наследство, научните достигнувања и општествените вредности, професионалното новинарство придонесува за континуитетот на јавната комуникација и за негувањето на критичката мисла.
Но традиционалните медиуми не се реликт на минатото, туку претставуваат важен дел од современото општество. Нивната суштинска мисија останува непроменета: да информираат, да поставуваат прашања, да ја контролираат моќта и да го штитат јавниот интерес. Технологијата може да го промени начинот на кој се пренесуваат информациите, но не може да ја замени потребата од одговорно, професионално и независно новинарство. Н.М.
































