Генералниот секретар на НАТО денеска се сретна со романскиот премиер со кого разговарале за безбедноста на Црното море, Столтенберг ги отфрли руските обвинувања за “валкана бомба“, јави дописничката на МИА од Брисел.
Русија неколку дена уверува дека Украина се подготвува да употреби таканаречена “валкана бомба“. Ова денеска беше отфрлено од страна на шефот на Северноатлантската Алијанса, Јенс Столтенберг по средбата со романскиот премиер, Николае Чиука.
– Сојузниците го отфрлаат ова очигледно лажно обвинување и Русија не смее да користи лажни оправдувања за дополнителна ескалација на војната – изјави Столтенберг, нарекувајќи ги обвинувањата дека Украина ќе користи радиоактивна валкана бомба “апсурдни“.
Генералниот секретар повтори дека НАТО нема да биде заплашен во својата решителност да ја поддржи Украина и нејзиното право на самоодбрана, онолку долго колку што тоа ќе биде потребно.
– Поради војната на Русија во Украина регионот на Црното море е делумно “воено поле“ сег, а НАТО ќе го зајакне своето присуство од Црното до Балтичкото море – рече тој, вклучително со воена помош од Канада, Франција, Белгија, САД и Холандија.
Следната средба на министрите за надворешни работи на НАТО ќе се одржи токму во Букурешт идниот месец.