Украинците што лажат дека се Руси, всушност, се Бугари

Од кај е гостинов? Од Франција? Од Канада. Па, француски зборува…
Рекоа од Канада. Извади го канадското знаме!
Како изгледа канадското знаме?
Од кај да… имаше некакво дрво на него…
Зимзелено или листопадно?
А бе, што сум јас… дерматолог? Од кај да знам дали е зимзелено или тревопасно… ти реков, со некое дрво беше…
Три часа подоцна. Наслов во медиумите. Нордистанскиот протокол го пречека канадскиот висок претставник со знаме на Кипар. Добро, сега, не може владините претставници сè да знаат. Има крајно безобразни држави. Ај што запнале со тоа трите бои на Кишловски: црвено, бело и сино во милион комбинации, ко да се Југославија, ама исти имиња си ставаат. Оди ти сега пофати што е Словачка, која е Словенија, а каде е Славонија.
Славонија не е држава, бе, глуп! Тоа е регион во Босна, веднаш до Панонија. И подготви го латвиското знаме. Иде Нова година, Дедо Мраз ќе ни дојде.
Дедо Мраз не е од Латвија, туку од Летонија. Ти стално ги мешаш Литванија и Лапонија.
Не е Лапонија, туку Јапонија. Дедо Мраз е од Јапонија. Затоа знамето на Јапонија е црвен дебел стомак на бела брада како заднина.
Има едни убаво спакувани дефиниции. Повторувањето е свекрва на знаењето. Атлетиката е куќна помошничка на спортовите. Историјата е проститутка на животот. Да, историјата, за неа сакам да ви пишувам, ама не знаев како да ја внесам во приказнава.

Генијалниот американски писател, мизантроп и циник Емброуз Бирс, за кого Америка е „голема, непроѕирна темнина со две или три зрнца светлина што светкаат и ѝ се спротивставуваат на потполната празнина од незнаење, простотија, самољубие, џвакање тутун, невкусно облекување, невоспитани манири и сеопшто варварство“, смета дека историјата е „главно лажна приказна за главно неважни настани, кои се последица на одреден број главно расипани владетели што се служеле главно со глупави војници“, а историчарите се „трачарки од големи размери“. Уф, кога Бирс би бил сега жив, со задоволство ќе го прошетав низ историјата на сегашноста наречена нова нормалност. Добро, мора да признаеме дека оттогаш до денес, Американците се имаат поправено. Не џвакаат толку тутун и каде-каде повкусно се облекуваат. Патем, мене искрено сѐ повеќе ми се допаѓа новата нормалност, оти во неа, фантазијата, иако некои тоа го нарекуваат неписменост, има неограничена слобода. Затоа, драг мој и секогаш полн презир кон цивилизацијата, Емброуз Бирс, ела си под рака со мене, па да прошетаме.
Да скокнеме прво до Украина. Киев, Министерство за надворешни работи. Оттаму стигна восхитувачко откритие поврзано со историјата. Станува збор за кнезот Владимир, творецот на Киевска Русија и зачетник на големата руска империја. Украинското министерство ни откри дека тој, прво и прво, не се викал Владимир, туку Володимир. Како Зеленски, нормално, глупаво е да се вика како Путин. Е, тој руски кнез Володимир бил доказ за големото пријателство меѓу Европа и Украина која не постоела. Како е можно тоа? Глупаво прашање. Можно е затоа што така вели официјален Киев. Официјален Киев, пак, е во целосен дослух со официјален Вашингтон. А сè што тврди официјален Вашингтон е апсолутна вистина, во која не смее да се има сомнеж, како вистината дека Хитлер преживеал, го зеле Советите, го однеле на остров каде што подоцна дошол и Елвис Присли, таму му направиле пластична операција и денес живее како Владимир Путин во Кремљ. Иако има теоретичари на заговори што велат дека по грешка му направиле пластична операција на Елвис, па сега се претставува како Путин, но ова тврдење сè уште нема цврсти докази.

Значи, рускиот кнез што не се вика Владимир е доказ за пријателството меѓу Европа и Украина, која во негово време не постоела. Доказот е кристално јасен. Тој кнез во 988 година вовел христијанство во Киевска Русија, покрстил народ, што значи дека уште тогаш сакал Украина да влезе во ЕУ за да може цивилизираната Унија да ги брани од окупацијата на дивите Руси. Така вели украинското министерство за надворешни работи и, ако се прашувам јас, нема ништо спорно во тврдењето дека Украина која не постоела уште во 988 година била кандидат за членство во Европската Унија која исто така не постоела, оти ако две нешта не постојат, никој не може да им забрани да прават што сакаат.
Сето ова ме инспирира да истражувам. И поранешниот нордистански премиер изјави дека илинденците се бореле Нордистан да стане членка на НАТО. Пронајдов материјали што апсолутно ја потврдуваат оваа изјава, затоа што сите водат кон ист заклучок: Илинденците биле инспирирани од кнезот Володимир и неговата мисија, Украина членка на Европската Унија. Истражувајќи го овој кнез визионер, открив дека тој бил многу инспириран од делата на Конфуциј, особено од книгата, „Независноста на Тајван и неговата отворена соработка со меѓународната заедница преку партнерство со Соединетите Американски Држави“. По кнезот Володимир, под влијание на оваа книга западнал и Кристифор Колумбо, па заклучил, цитирам, „Глупаво е независен Тајван да е во партнерски односи со САД, а Америка уште никој не ја открил“. Неколку дена подоцна Крис фрлил сидро и запловил, ама на своите конкуренти им кажал дека шиба за Индија, за да не му го земат чаламот.
Само ти заебавај се, Русјаков, ми врескаат во потсвеста сите светски фактчекери, ама сиот прогресивен свет знае дека Кина го присвои Конфуциј крадејќи тајванска историја, како што Путин ја краде украинската, па затоа нецивилизираните македонисти почнаа да си присвојуваат грчка и бугарска историја.
П.С. При ископување на античката населба Мирмекиј, на Крим, руските археолози откриле десетици златници со ликот на Александар Македонски. Ете уште еден непобитен доказ дека Кримјаните кои се Украинци што лажат дека се Руси, всушност се Бугари што имаат грчка историја.