Кај шахистките, Гамбит асеко СЕЕ приреди изненадување, играјќи 2-2
со бранителот на титулата, Алкалоид
ШАХ – ЕКИПНИ ПРВЕНСТВА НА МАКЕДОНИЈА
Шахистите на актуелниот првак Алкалоид потешко од очекуваното успеаја како прворангирани, со минимални 3,5-2,5, да го совладаат Куманово (рангиран петти), во 2. коло на Екипното првенство за мажи, кое се игра во Струга. Победата ја донесе искусниот велемајстор (ВМ) Драгољуб Јаќимовиќ, кој го победи Влатко Крстевски. Во другите дуели немаше поголеми изненадувања.
Затоа, пак, имаше изненадувања на женското првенство, каде што бранителот на титулата Алкалоид одигра 2-2 против петторангираниот Гамбит асеко СЕЕ. Особено пријатно изненадија младите Инџи Ајрадиноска, која ја победи поранешната репрезентативка ЖФМ Весна Секуловска и Михаела Зрмановска, која беше подобра од шахистката со најмногу поединечни титули во Македонија, ЖИМ Габриела Коскоска. Убедливи победи со по 3,5-0,5 забележаа битолски Стево Патако против Карпош и скопски Центар против Куманово. Неготино и Куманово имаат одиграно едно коло помалку.
Кај шахистите има пријавено вкупно 16 велемајстори (ВМ), по девет интернационални мајстори (ИМ) и ФИДЕ-мајстори (ФМ), а кај шахистките по два ЖВМ и ИМ, три ЖИМ и по два ФМ и ЖФМ во женска конкуренција. Кај мажите играат осум клуба на шест табли, а кај жените седум клуба на четири табли. Од шахистите, прворангиран е ВМ од Кина, Вангуи Ју (2.718), а кај шахистките, ИМ од Романија, Ирина Булмага (2.417), и двајцата од Алкалоид. Новите екипни шампиони на Македонија ќе бидат познати по седум одиграни кола. Г.И.