ПО ТРАГЕДИЈАТА ВО ИНДОНЕЗИЈА
На фудбалскиот натпревар Арема – Персебаја Сурабаја во Маланг, Индонезија, загинаа најмалку 125 луѓе, а стотици се повредени
Црн ден за сите вклучени во фудбалот и трагедија што не може да се разбере, беа зборовите на претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, за големата несреќа на фудбалскиот натпревар Арема – Персебаја Сурабаја во Маланг, Индонезија, во која загинаа најмалку 125 луѓе, а стотици се повредени.
До несреќата дошло откако полицијата употребила солзавец врз навивачите што влегле на теренот. Настанала паника, илјадниците навивачи се упатиле кон излезите на стадионот „Канџурухан“, каде што многумина се задушиле. ФИФА наведува дека стјуардите или полицијата не треба да носат или да користат „гас за контрола на публиката“ на натпреварите.
Фудбалската асоцијација на Индонезија (ПССИ) соопшти дека повела истрага, додавајќи дека инцидентот го „извалкал лицето на индонезискиот фудбал“. Насилството на фудбалските натпревари не е новост во Индонезија, а тимовите Арема и Персебаја Сурабаја се долгогодишни ривали. На навивачите на Персебаја Сурабаја им беше забрането да купуваат билети за натпреварот поради стравувања од нереди. Главниот министер за безбедност, Махфуд МД, објави на Инстаграм дека биле продадени 42.000 билети за натпреварот на стадионот, кој е со капацитет од 38.000 места. Претседателот Видодо повика „ова да биде последната фудбалска трагедија во земјата“, откако нареди сите натпревари во Лига 1 да бидат прекинати во очекување на истрагата.
Тоа е една од најтешките катастрофи на фудбалските стадиони во светот. Навивачките стампеда се на врвот на долгата листа како причина за катастрофи на стадионите. Во 1964 година, 320 луѓе загинаа, а повеќе од 1.000 беа повредени во стампедо на мечот Перу – Аргентина во Лима, во квалификациите за Летните олимписките игри (ЛОИ). Во 1985 година, 39 луѓе загинаа, а над 600 беа повредени на стадионот „Хејсел“ во Брисел, на мечот Ливерпул – Јувентус, кога навивачите на италијанскиот тим беа здробени на ѕидот, кој потоа се урна пред финалето на тогашниот Куп на европските шампиони (КЕШ). Во Велика Британија, на стадионот „Хилсборо“ во Шефилд, во април 1989 година, смртно настрадаа 97 навивачи на Ливерпул, на полуфиналниот натпревар во ФА-купот против Нотингем форест. Л.Д.