Американскиот претседател Џозеф Бајден ја продолжи за уште една година вонредната состојба, која беше воведена на 14 септември 2001 година, по терористичките напади врз Њујорк и Вашингтон на 11 септември истата година.
– Ја продолжувам за уште една година вонредната состојба прогласена на 14 септември 2001 година, со прогласот 7463, во врска со терористичките напади од 11 септември 2001 година, изјавил Бајден – според соопштението објавено на веб-страницата на Белата куќа.
Бајден нагласи дека терористичката закана што доведе до првото прогласување на вонредна состојба на 14 септември 2001 година, по нападите на Њујорк и Вашингтон, сè уште е присутна.
– Поради оваа причина, заклучив дека е неопходно да се продолжи важноста на националната вонредна состојба и после 14 септември 2022 година со оглед на терористичката закана – прецизира Бајден.
САД денеска одбележуваат 21 година од терористичките напади врз Њујорк и Пентагон во Вашингтон во кои загинаа вкупно 2.977 луѓе, не сметајќи ги 19-те терористи – киднапери на авионите со кои беа извршени нападите.