Почнаа „Струшките вечери на поезијата“

Со музичко-поетски перформанс на „Т’га за југ“, во изведба на бендот „Пијан славеј“, и традиционалното палење на поетскиот оган, свечено се отвори 61-то издание на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ (СВП), во присуство на голем број поети од земјава и од странство. Вечерта ја отвори поетесата Гордана Михаилова Бошнакоска.
– Од далечната 1961 година, кога врвни поети и писатели ја зачнаа оваа поетска дружба, поезијата стана патоказ за многу млади луѓе. Секоја трета личност е поетеса, е поет, така што сега вие сте во земјата на поезијата. Големиот македонски поет Матеја Матевски во една пригода, кога се зборуваше за СВП, рече дека оваа манифестација е толку единствена и храбра што може да преживее сѐ. Тоа се потврди во сите овие изминати години – рече Михаилова Бошнакоска.

Годинешниот лауреат на „Златниот венец“, јапонскиот поет Шунтаро Таникава, иако не е во можност да биде тука, испрати аудиопорака.
– Се присетувам дека сите ние, макар со одредена неверица, сепак веруваме дека поезијата постои, дури и во оваа нејасна и несигурна епоха, исто како што постоела уште од античките времиња, и дека поезијата не произлегува од редот и поредокот, туку од вителот на нејаснотијата. Чувствувам блиско сродство и длабока почит за природата и историјата од кои оваа награда настанала – порача Таникава.
Израелскиот поет Амир Ор, пак, истакна дека традицијата започна овде, во земјата што ја сака и цени поезијата.

– Ова, несомнено, е традиција што ја става Македонија на почесно столче во салата на културното значење и на Европа и на светот. Ништо слично не може да го надмине признанието кога во 2020 година бев прогласен за лауреат, признание дека моите дела се наградени преку ушите и срцата што ги заслужува поезијата – рече израелскиот поет.
Во следните фестивалски денови на „Струшките вечери на поезијата“ ќе можат да се чујат 24 поети од странство и триесетина од државата. Манифестацијата, која ќе трае до 29 август, се одржува под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“, со кое се потенцира исконската врска меѓу ритмичките обрасци во поезијата како одраз на ритмичките обрасци во природата и севкупната стварност, но и врската меѓу поезијата и музиката.


Разговор со писателка Ена Катарина Халер

Издавачката куќа „Готен“ организира претставување и разговор со хрватската писателка Ена Катарина Халер. Настанот ќе се одржи во конференциската сала на хотелот „Дрим“, денеска, со почеток во 14.30 ч. Настанот е дел од книжевната резиденција на Ена Катарина Халер во Македонија, реализирана во август.
Ена Катарина Хелер е родена во 1996 година во Осиек. Завршила природно-математичка гимназија во Осиек, а освен што се занимава со пишување, работи и како архитектка. Првата книга, романот „На дофат“, ја објавува во 2019 година. Романот ги добива наградите „Ксавер Шандор Гјалски“ и „Иван и Јосип Козарац“ за најдобро прозно дело во 2020 година, а беше и финалист за наградите „Т-портал“ и „Фран Галовиќ“. Во 2022 година романот излезе во превод на македонски јазик на Сашо Огненовски, а во издание на „ПНВ публикации“. Освен со пишување, Халер пишува и книжевни критики.
Резиденцијалниот престој на Ена Катарина Халер во Скопје е поддржан од европската мрежа за превод и книги „Традуки“.