Фестивалот на документарен филм „Македокс“ ги додели петте награди „кромид“, а во комисиите за наградите членуваа 15 интернационални професионалци од документарниот свет. Наградата „кромид“ за најдобар филм во главната програма ја доби документарниот филм „Затемнување“ (Норвешка, 2022, 110 мин.) на Наташа Урбан. Според комисијата, станува збор за повеќеслојно софистицирано дело на рекултивација на меморијата, што го поврзува минатото со сегашноста и личното со политичкото, со изразено чувство за поетски детали и посветеност на интегритетот на историското сведоштво.

Специјално признание „кромид“ доби филмот „Вознемирена земја“ (Шпанија, Босна и Херцеговина, 2021) на Кумјана Новакова и Гиљермо Карерас-Канди. Наградата „млад кромид“ ја доби филмот „Братство“ (Чешка, Италија, 2021) на Франческо Монтанер, кој отвора поголем контекст на двојноста на современиот свет и традицијата. Специјално признание „млад кромид“ доби „Невидливи демони“ (Финска, Германија, Индија, 2021) на Рахул Џаин. Наградата „сечкан кромид“ за најдобар краток филм ја доби „Бабајања“ (Хрватска, 2022) на Анте Златко Столица. Комисијата истакна дека филмот воодушевува со своите неверојатни визуелни прикази и оригинален начин на мешање на духовите од детството со тешките реалности. Специјално признание „сечкан кромид“ добија филмовите „Се обидувам да се сетам“ (Чешка, Иран, 2021 ) на Пегах Ахангарани и „По течението на зборот“ (Холандија, 2021 ) на Илејн Естер Ботс.
Наградата „кокарче“ ја доби студентскиот филм „Чичко ми Тудор“ (Белгија, Унгарија, Португалија, 2021) на Олга Луковникова. Специјално признание „кокарче“ доби филмот „Стадо“ (Израел, 2021) на Омер Даида.

Наградата за филм со најдобри етички идеи ја доби филмот „Куќа од раски“ (Данска, Финска, Шведска, 2020) на режисерот Сајмон Леренг Вилмонт, кој е одличен пример за моќта на филмот да ги открие сложените човечки чувства и реакции во многу интимна и деликатна ситуација на несреќните деца на украинскиот пропаднат општествен систем.