ФИФА објави дека добила три милиони барања за билети само за финалето на СП на 18 декември, што ќе се игра на стадионот „Лусаил“ со капацитет од 80.000 седишта

ФУДБАЛ – ЗА СП ВО КАТАР

На помалку од три месеци пред почетокот на финалниот турнир на Светското првенство (СП) во фудбал во Катар, продадени се 2,45 милиони билети, а остануваат повеќе од 500.000, соопшти Светската фудбалска федерација (ФИФА). Од ФИФА информираат дека 520.523 билети биле купени при продажбата „прв дојден, прв услужен“, што траеше од 5 јули до 16 август. Меѓу најбараните билети биле оние за натпреварите на Бразил против Камерун и против Србија, за средбата Португалија – Уругвај, Костарика – Германија и Австралија – Данска. Најмногу од тите билети биле продадени во Катар и во соседните земји, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). На листата што ја објави ФИФА се и САД, Англија, Мексико, Франција, Аргентина, Бразил и Германија.
Најевтините билети за навивачите надвор од Катар се по цена од 69 долари. На навивачите ќе им треба потврда за купување билети за да резервираат места за престој во Катар преку официјална интернет-страница на турнирот.

За СП на кое ќе се одиграат 64 натпревари на осум стадиони во и околу Доха и кое ќе треба да започне на 20 ноември, на располагање има 3.010.679 билети. Околу два милиони билети беа ставени на општа продажба, а еден милион се за партнерите на ФИФА, како што се земјите-членки, спонзорите и ТВ-операторите итн. ФИФА веќе објави дека добила три милиони барања за билети само за финалето на СП на 18 декември, националниот ден на Катар, на новиот стадион „Лусаил“ со капацитет од 80.000 седишта.
Во моментов продажбата на билетите е во мирување, а ФИФА вети дека на крајот од септември ќе информира за начинот на продажбата на преостанатите билети. Вообичаено има билети оти некои се откажуваат, а некои навивачи ги враќаат откако нивните репрезентации прерано ќе бидат елиминирани од СП.
Во Катар, малата заливска држава со 2,8 милиони жители, на првото СП на Блискиот Исток и на првото што ќе се игра наесен, се очекуваат повеќе од еден милион посетители. Минатата недела организаторите објавија дека завршниот турнир ќе започне еден ден порано од планираното, на 20 ноември, со мечот Катар – Еквадор. Л.Д.