Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска ја предводеше владината делегација составена од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и заменик министерот за одбрана Башким Хасани, која по повод Денот на Армијата на Република С. Македонија положи венци свежо цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел, и на гробовите на генерал Михајло Апостолски и на починатите претседатели на државата и врховни команданти на армијата Киро Глигоров и Борис Трајковски.
– Нивите дела и заложби се наш аманет и нè задолжуваат да продолжиме да ја развиваме нашата земја во мир, градејќи просперитетна С. Македонија, со европска иднина на која сите ќе бидеме горди – стои во Фејсбук објавата на вицепремиерот Маричиќ.
Маричиќ го честита Денот на Армијата на Република С. Македонија, заблагодарувајќи се на припадниците на Армијата за нивната посветеност во извршувањето на сите зададени должности, за професионалниот и несебичен ангажман во заштита на територијалниот интегритет и безбедноста на нашата држава, посочувајќи дека најважно е што С. Македонија има обезбеден мир, стабилност и безбедност.
– После 30 години развој и предизвици, денес Армијата е модерна и оспособена структура која со успех и високи оценки ги положи сите испити кои и беа поставени во процесот на евроатлантските интеграции. Денес македонската Армија рамноправно може да се носи со современите вооружени сили и партнери во најмоќниот воен сојуз – НАТО, стои во честитката на Маричиќ.
Според вицепремиерот, денешниот ден е и можност да се потсетиме на сите оние кои во различни периоди, често положувајќи ги своите животи на олтарот на слобода, ги поставија темелите на македонската државност.
Покрај владината делегација, венци со свежо цвеќе на партизанските гробишта во Бутел, и на гробовите на генерал Михајло Апостолски и на починатите претседатели на државата и врховни команданти на Армијата, Киро Глигоров и Борис Трајковски, положија и делегации на Собранието, на министерството за одбрана, на Армијата на Република С. Македонија, делегација од Кабинетот на претседателот на Северна Македонија, Сојузот на борците од НОВ, Сојузот на резервните воени старешини, како и делегација од кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.