Побрзо ќе добиеш бинго, отколку да најдеш мајстор, така говорат граѓаните што имаат потреба од мајстори и занаетчии од разни профили. Кои се причините и како да се надмине овој сериозен проблем
Да најдеш мајстор за да изврши некоја куќна работа, замена на дотраен електричен уред, монтажа на туш-кабина, варосување стан или куќа, да се заменат ќерамиди на покривот или, пак, да се постави покривна конструкција, да се изврши доградба или надградба на семејна куќа, да се соѕида потпорен ѕид или скалила, стана многу тешко, дури е невозможно. Едноставно, мајстори нема. Побрзо ќе добиеш бинго, отколку да најдеш мајстор, така говорат граѓаните што имаат потреба од мајстори. Мака мачат како да го надминат акутниот проблем. Гостиварци одамна алармираат дека се соочуваат со нерешлив проблем, како да најдат занаетчија да го решат проблемот што им се јавил во домот или, пак, да ја задоволат желбата да ги реновираат одаите во кои живеат, да создадат подобри услови, да внесат современ мебел, ново осветлување и електрични уреди итн. Која е причината што на поширокиот Гостиварски Регион, речиси и во цела Македонија, тешко може да се најде занаетчија од секој профил, а доколку се најде, поради презафатеност, пребукирани се со работа, првиот слободен термин го имаат по 4-5 месеци. Зошто тоа е така, одговорот е едноставен – стотици и стотици квалитетни мајстори и работници во потрага по подобра егзистенција ја напуштија државава, готвачи и келнери заминаа на работа во Албанија и во Хрватска, од другите дејности во Италија, Германија, Австрија и Чешка, помал број во скандинавските држави итн. Од друга страна, младите сѐ помалку покажуваат интерес да изучуваат занает, иднината ја гледаат партиски да се вработат во државен орган, институција, агенција, или во локалната самоуправа. Политиката ни ги расипа младите, ете токму овој одговор го слушам од многумина пријатели, кои жалат што нивните деца не ја прифаќаат семејната традиција да продолжат со занаетчиството. Покрај тоа, на пазарот значително е зголемена побарувачката за занаетчии од сите дејности, понудата е минимална, за некои занаети и нема! Во земјава останаа повозрасни работници, кои се на крајот на работниот век, ја користат потребата за работници со занает за работа во градежништвото, во електро и водоинсталатерска дејност, брзо се преквалификуваа, се нарекуваат мајстори и услугата што ја даваат, не сите, не е мајсторска, но затоа услугата што ја наплаќаат е мајсторска, која е двојно и повеќе во споредба со претходните години.
Мајсторот само што ќе влезе во станот да го установи дефектот на електричниот апарат или, пак, на водоводната или канализациската мрежа, наплаќа колку една просечна дневница, за работна рака плус, зависи од дефектот, сумата е висока и надминува неколку илјади денари. Граѓаните се среќни што го решиле проблемот, не помислуваат да побараат фискална сметка. Многу од мајсторите се вработени во државни институции или, пак, во приватни фирми, во слободно време работат на „црно“ приходите од занаетчиските услуги не ги пријавуваат, ниту пак некој ги контролира, таков е впечатокот што го добивме во разговорите со примателите и давателите на услугите. Исто така, на црниот пазар на трудот, од осамостојувањето на Македонија, во Полог се присутни работници од соседна Албанија, илегално работат во градежништвото, како дрвосечачи, келнери, танчарки и слично. Напливот на работници, особено во летниот период, е голем, инспекциските служби не се во можност да ги „откриваат“ и да ги санкционираат, бидејќи работат на широк простор, а нивниот број е недоволен.
Како да се надмине овој актуелен проблем со кој секојдневно се соочуваат нашите граѓани? Од една страна, ем нема мајстори, од друга, пак, и тие што ги има се пресолени или предолго се чека за нивната услуга. Познавачите на проблематиката сметаат дека прекуноќ не може да се реши, бидејќи проблемот е сложен, бара време и синхронизирана ангажираност на повеќе државни органи, институции, агенции, училишта, психолози, педагози и сл. Долги години државата не водеше грижа за образование на кадрите, за да ги оспособи за работа во производствените компании од сите области, во градежништвото, угостителството итн. Професионалната ориентација треба да се врши уште од првите години во основното образование, како што е во образовниот систем во Германија и во други западноевропски држави. Секако, треба да се дејствува и да се спречи одливот на стручни кадри од државата со серија мерки што ќе ги мотивираат луѓето да останат во Македонија и тука да ја гледаат својата иднина.