Треба да знаете што и зошто снимате пред да го притиснете копчето

Туе Стин Милер, консултант за документарци и критичар

Тринаесеттото издание на „Македокс“ се фокусира на развојот на идеите во документарниот филм. За годинешната работилница за развој на идеи што ја води Туе Стин Милер беа избрани шест проекти во развој. Учесниците на работилницата се режисери и продуценти со краткометражни или долгометражни креативни документарни проекти во развој, продуцирани или копродуцирани во Грција, Албанија, Бугарија, Северна Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Романија и Турција.
Туе Стин Милер е консултант за документарци и критичар од Данска.
Работел со документарни филмови повек?е од 20 години во Данскиот филмски одбор, како офицер за печат, претставник на фестивалот и филмски консултант/комесар. Тој е првиот директор на Европската документарна мрежа, а има работено и за голем број фестивали, одржувајќи низа работилници.

Што очекувате од работилницата на „Македокс“?
– Ќе ми биде задоволство да запознаам филмаџии со филмски предлози во фаза на развој. Можеби си ја имате запишано идејата или имате напишано третман, а можеби (всушност, мислам дека ова е најважно) имате и визуелни материјали за покажување. Клучно е да бидете отворени за повратни одговори од мене и од колегите. Три дена: вовед и презентација; индивидуални сесии; презентација за учесниците на „Македокс“. Се надевам дека ќе си заминете дома полни со инспирација и со она што јас секогаш го нарекувам креативна конфузија и сомнеж.
Ќе ги запознаете филмаџиите со филмски предлози во фаза на развој. Што ќе може да се слушне, научи, забележи на работилницата?
– Се надевам дека ќе бидат инспирирани да бидат уште повеќе заинтересирани за документарецот отколку кога се пријавиле за малата работилница. Ќе одржам мотивациски говор базиран на неколкудецениска зависност од овој жанр.
Кои сегменти од создавањето документарец сакате да им ги доближите на учесниците, дали е тоа како полесно но професионално да ја обликуваат приказната?
– Па, се разбира, тоа зависи од нивниот проект, тие треба да бидат сигурни дека „ова е филмот што сакам да го снимам, важен ми е“. И да поминат месеци, можеби и години работејќи на него.
Што е најзначајниот дел во развојот на идејата во одличен документарен филм?
– Фокус, солидно истражување, љубопитност, вештини за зближување со други луѓе, понизност да не се ставате себеси како најважен протагонист или обратно. Ако е биографија, ставете се во фокусот на начин на кој другите можат да се огледаат во вас.
Во изминатите 20 години директна вклученост во овој жанр, што е она што не престанува да ве изненадува кога станува збор за документарниот филм?
– Секогаш има нови приказни што чекаат да бидат раскажани, социјални, човечки, историски…
Каква еволуција и револуција доживеа документарниот филм низ годините?
– Со новите дигитални алатки можете да се доближите до вашиот предмет повеќе отколку порано, една жена – една камера, поевтино е, не треба да размислувате колку снимате, наспроти порано, кога се работеше со филмски материјал. Но треба да знаете што и зошто снимате пред да го притиснете копчето! И бидете подготвени за промена на ситуацијата што ја снимате.