Вкупно 51 филм од поширокиот регион се натпреваруваат за наградите „срцето на Сараево“ во натпреварувачките програми на 28. Сараевски филмски фестивал (СФФ), кој завршува на 19 август. Повеќето од нив имаат регионална, а многу и меѓународна и светска премиера.
Во четирите натпреварувачки селекции – долгометражен, документарен, краток и студентски филм – светска премиера имаат 20 филма, осум меѓународна, еден европска, 21 регионална и еден босанска премиера, најавија организаторите на 28. СФФ, кој е посветен на поширокиот регион на Југоисточна Европа, така што вклучува филмови од сите земји од поранешна Југославија, како и од Албанија, Ерменија, Австрија, Азербејџан, Бугарија, Кипар, Грција, Грузија, Унгарија, Малта, Молдавија, Романија, Турција и од Украина.
Елма Татарагиќ, селекторката на натпреварувачката програма на долгометражни филмови, избра осум филма, од кои четири имаат своја светска и регионална премиера.
Светска премиера имаат филмовите „Балада“ на Аида Бегиќ (Босна и Херцеговина), „Човек од акција“ на Пол Негоеску, романско-бугарска копродукција, „Јавачи“ на Доминик Менцеј, копродукција на Словенија, Хрватска, Србија, Италија и на Босна и Херцеговина, и „Шест недели“ на Ноеми Вероника Сакоњи од Унгарија, додека регионална ќе имаат филмовите: „Клондајк“ на Марина Ер Горбак, украинско-турска копродукција, „Корсет“ на Мари Кројцер од Австрија, копродукција со Луксембург, Германија и Франција, како и „Сервирам“ на Рут Мадер од Австрија и хрватскиот филм „Сигурно место“ на Јурај Леротиќ.
Наградата „срцето на Сараево“ за најдобар игран филм е вредна 16.000 евра, најдобриот режисер ќе добие 10.000 евра, а актерските награди се 2.500 евра.
Селекторката на натпреварувачката програма за документарен филм, Рада Шешиќ, избра 22 филма, од кои осум имаат светска премиера, три меѓународна, девет регионална и по еден европска и премиера во Босна и Херцеговина. „Срцето на Сараево“ за најдобар документарен филм на 28. СФФ вреди 4.000 евра, 2.000 евра за најдобар краток документарен филм и 2.500 евра за специјалната награда на жирито. Наградата за човекови права изнесува 3.000 евра.
Како и изминатите години, кратки филмови во конкуренција за награди селектираше Елма Татарагиќ, избирајќи десет од нив, од кои четири имаат своја светска, еден интернационална, а другите пет регионални премиери.
Наградата „срцето на Сараево“ за најдобар краток филм, инаку, подразбира квалификација за кандидатурата за „оскар“ и изнесува 2.500 евра. Обезбедува и кандидатура за наградата на Европската филмска академија.