Погрешно толкување, квазинаучен пристап, штетни препораки

Политичкото инсистирање да се усогласат заеднички „препораки“ за т.н. заедничка историја на Бугарија и „Република Северна Македонија“, при што сѐ што е заедничко е „бугарско“, е спротивно на теориските премиси на историските науки. Тоа е брутална повреда на интегритетот на научната мисла и ја спречува слободата на толкување на историските факти, личности, настани и процеси. Македонците категорично не смеат да се повикуваат на македонската античка епоха и култура. Македонците како да исчезнуваат од историската мапа, смета академик Ќулавкова

Препораките на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања усвоени од страна на Заедничката меѓувладина комисија, формирана во согласност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, објавени денеска, 15 август 2022, се повеќекратно сомнителни (научно, политички, развојно) и особено штетни по однос на востановените македонски историски наративи и националниот уставен кодекс.
Поаѓајќи од теориските начела на историската наука, ќе упатам на неколку спорни/проблематични места во Препораките:
1) Теориски начела:
Секоја нација при своето конституирање претставува рефлексија на два вида свест: 1) историска свест и 2) колективната самосвест. Историската свест е наративен, мемориски и симболичен сплет од владејачките фолклорни, културни, политички и научни сознанија што нацијата го има за своето потекло, идентитет и опстанок во простор и време, значи на одредена територија и во одредено време. Националната самосвест произлегува од историската свест, ама содржи и други елементи – митски, психолошки, ментални, визуелни, па и примордијални и несвесни (колективно несвесно). Историската свест е рефлексивна, самосвеста е саморефлексивна, самопромислувачка. Заедно, ја создаваат приказната за тоа како една нација ги посматра другите (особено соседните и блиски народи и нации), а како се посматра самата себе. Тоа е извор на нејзината самопочит, која е темел на националната стабилност без којашто не би имало стабилни државно-национални институции.
Промената на востановената историска свест и национална самосвест, особено кога се јавува во форма на темелна ревизија, обично се случува во периоди на длабока општествена и институционална криза. Ревизијата на историската свест е симптоматична и трауматична и, како последица на тоа, ја стигматизира нацијата на колективно и на индивидуално рамниште. И овој, не прв, веројатно не ни последен упад во востановената македонска историска свест и национална самосвест е симптом на длабока општествена криза. Општествената криза ќе се одрази неминовно врз суверенитетот и постојната институционална структура на македонската држава и нација.

Балканот, како и секое друго подрачје каде што владееле големи империи и цивилизации, логично е и подрачје на коешто сите народи ги споделувале владејачките империјални, колонијални и цивилизациски стандарди. Значи не само македонскиот и бугарскиот народ туку и сите други јужнословенски народи, балкански несловенски народи што живееле, владееле или пропатувале на балканските територии споделуваат одредени споделени места на меморија (градови, археолошки наоѓалишта, верски објекти, мостови, бојни полиња, симболи, но и историски личности и настани, народни преданија). Од друга страна, постојат и специфични, т.н. несподелени места на меморија, историски настани, личности и периоди, кои се доживеани на различен начин и се памтат или се забораваат на различен начин од разните заедници. Така, на пример, на еден начин се доживуваат историските епохи од владетелите и освојувачите, а на друг од освоените, потчинети и поробени народи. Таков е случајот со древномакедонската, античката римска, рановизантиската, византиската, отоманската, постотоманската и југословенската епоха, периодот на Првата и Втората светска војна, комунистичкиот и социјалистичкиот период, долг историски континуум на којшто се менувале границите на империите, како и териториите на модерните нации-држави. Значи, може да се зборува за „споделени места на меморија“ на балканските народи, за споделени места на меморија на медитеранските народи, но не и за „заедничка историја“. Тоа се две различни категории.
Секоја промена на империјалната и државната територија би требало да повлече и промена на владејачкиот историскиот наратив, затоа што „историја на територијата“ не е исто што и „(етничка) историја на народот“. На Балканот сѐ уште не е изградена наднационална историска свест која ќе го промовира територијалниот концепт кога се работи за историјата на една држава, но ќе го почитува и етничкиот концепт кога се работи за јазичната и културната историја која не се совпаѓа со актуелните државни граници.
Методолошки, не може современиот политички интерес да ги менува произволно историските и националните приказни/толкувања влезени од Уставот и неговата преамбула. Тоа се култни и симболични места на колективната меморија и нивната ревизија се доживува како трауматична за Македонците и како агресија врз нивната историска и национална свест. Кога една историска личност ќе стане симболична личност, тогаш нема логика да се води полемика околу нејзиното етничко потекло или нејзиното државјанство. Кога еден историски настан ќе прерасне во симбол на еден национален опстанок, тогаш не е битен реалниот историски контекст. Во таквите ситуации секое негирање по државните симболи и симболите на нацијата (знаме, химна) е чин на колонијални аспирации и хегемонистичка претензија, а тие пак се извор на конфликти, повреда на историската свест и националната самосвест на соседот. Она што може да се постигне со заемна почит и пријателство, не може со непочитување, ултиматуми, вето, одземање на слободата на изразот… Великобугарската платформа е на пат на една голема историска загуба. Погрешните методи водат кон погрешни решенија и тешки последици.

2. Спорните тези на Препораките

Политичкото инсистирање да се усогласат заеднички „препораки“ за т.н. Заедничка историја на Бугарија и „Република Северна Македонија, при што сѐ што е заедничко е „бугарско“, е спротивно на теориските премиси на историските науки. Тоа е брутална повреда на интегритетот на научната мисла и ја спречува слободата на толкување на историските факти, личности, настани и процеси. Не смее да се дозволи забрана на „македонскиот пристап“ кон историјата на Македонија сфатена како територија (географски), како актуелна државна територија и нација, но и како етнокултурен поим кој ги надминува постојните државни граници и има свој развоен континуум.
Македонско-бугарската „експертска комисија“ го црпи својот легитимитет од политиката, не од науката. Нејзините препораки не се научни референци и како такви повеќе зборуваат за самата функција на комисијата одошто за македонската и историјата на балканските простори, народи и култури. Препораките се одглас на еден тоталитарен и заробен ум, никако плод на научно засновано толкување на сложените историски процеси на Балканот.
Нема никаква причина да се излегува со билатерални македонски и бугарски препораки за значењето на светите Кирил и Методија, кога е ноторен факт дека тие се сесловенски просветители и византиски мисионери. Освен тоа, веќе постои научен кодекс за нивната улога во словенскиот и во европскиот свет (заштитници на Европа) и никој нема право да ја провинцијализира нивната припадност, ниту да ги присвојува небаре се работи за некаков профан приватен имот. Светите Климент и Наум, исто така, како средновековни културни и црковни вредности од особено значење за македонската култура и народ, не може да се претставуваат како туѓа традиција и сопственост. И во врска со препорачаниот третман на цар Самуил и неговото македонско царство, се артикулира намерата да се октроираат нивниот „бугарски карактер“, потекло и припадност.
Секоја современа нација, вклучувајќи ја и бугарската, може слободно да ги слави историските фигури поврзани со македонскиот културен, цивилизациски и национален подем кои прераснале во општословенски, регионални, европски, па и универзални места на меморија, т.е. фигури на меморија. Зошто македонското културно наследство, од антиката до денес, словенско и претсловенско, може да се слави и да се проучува од сите оние што во него гледаат некаква историска вредност и некаков интерес, само Македонците немаат свое инхерентно и иманентно право? Ако цената на „заедничката историја“ е демакедонизација на легитимното културно наследство, тогаш таа е неприфатлива.

Цивилизациските вредности им припаѓаат на сите оние кои ги практикуваат тие вредности. Историските личности од транснационален вид, кои прераснале во европски и универзални културни вредности, не смеат да бидат предмет на анахрона мегаломанија и локални политички спогодби. Само народи кои не ги практикуваат наследените цивилизациски вредности и не дораснале на нивното ниво може да пишуваат (псевдонаучни, ултимативни) „протоколи“, „записници“ и „препораки“ за тоа чија државна сопственост се универзалните вредности, како тие да се прославуваат и како да се прикажуваат во истражувачкиот, образовниот, воспитниот процес, односно на јавната културна и медиумска сцена.
Препораките покажуваат одредени либерални „обѕири“ спрема македонската историска позиција, па, ете, создаваат илузија дека го почитуваат начелото на реципроцитет, дека „ни дозволуваат“ и нам, на Македонците, да ги прославуваме личностите и настаните од „заедничката историја“ (судејќи според образложението на копретседавачот на Комисијата). Но, де факто, Препораките предвидуваат македонските домицилни историски личности (и по територијална, и по културна и јазична припадност) од старословенското и црковнословенското средновековие, да имаме право да ги прославуваме единствено под услов ако ги третираме како бугарски по род, потекло и припадност.
Дали само мене ми се чини дека со Препоракиве се сугерира идејата дека Македонците немаат право самостојно да ги слават своите национални и историски вредности, па затоа од нив се бара да ги слават само заедно со Бугарија? Дали немаат такво право затоа што немаат своја сопствена историја? Дали тоа го кажуваат овие Препораки?
Од секоја ставка на Препораките произлегува (имплицитно или експлицитно) ставот дека сите историски личности, настани, институции и вредности се, всушност, бугарски. Имено, во нив се наведени, необично, иако се работи за средновековниот и византискиот период, антички култури и народи, какви што се Тракијците, Пеонците и Дарданците… Притоа, Бугарите, па и некои други македонски соседи, се подразбира дека имаат историски континуитет со спомнатите цивилизации и народи на нивната и на македонската територија, додека Македонците категорично не смеат да се повикуваат на македонската античка епоха и култура. Македонците како да исчезнуваат од историската мапа.
Се чини дека овие препораки налагаат и нови елементи на етнонационален континуитет на Бугарите, веројатно и на другите соседни народи, но го укинуваат историскиот развоен национален и политички континуитет на Македонците. Тие небаре се предвидени да бидат неавтохтони доселеници со одземени историски права. Балканските држави-нации, поддржани од западноевропските сили и монархии во 19 век, денес се однесуваат по логиката според којашто (тие) се виши нации кои имаат колонијални права над македонскиот народ и држава.
Препораките, всушност, произлегуваат од ригидниот став дека на територијата на денешна Македонија живеат „македонски Булгари“, а не и етнички Македонци. Конфузијата да биде поголема, Македонците во Бугарија, како домородните пирински Македонци, така и раселените Македонци (од Грција) и македонските асимилирани мигранти, се сметаат „чисти“ Бугари. Освен тоа, (Славјано) Македонците во Грција се веќе признаени како наследници на античка Македонија, па дури и Грците се прогласуваат како Македонци по род (каква иронија на историјата!). „Чиста“ конфузија.

Препораките, и со тајмингот во којшто се објавуваат, се усвоени за да ги поткрепат позициите на Протоколот за условениот почеток на преговорите за прием на Р Македонија во ЕУ. Како такви, тие докажуваат дека на Македонците им е ограничено, ако не и одземено правото суверено и самостојно да одлучуваат за својот Устав и за државното име, за државотворната улога на македонскиот народ, за државните симболи, за историското и културното наследство. Македонското историско и културно наследство станаа туѓо наследство, македонската нација е или оспорена или делумно признаена или привидно признаена.
Со вакви квазинаучни акти, какви што се Препораките, само ја поткрепуваме позицијата на соседите кои не покажаа нужна почит спрема реалноста на македонската нација и држава. А отсуството на меѓунационална почит ја продлабочува кризата.
Стекнатите историски, културни, политички, демократски и национални придобивки самите македонски институции си ги доведуваат во прашање. Она што беше затворено и решено македонско прашање, денес е широко отворено.
На Балканот има опасен вишок национализам, опасен вишок опседнатост со историјата и културното наследство и идентитетите, но тоа западните демократии, ОН и ЕУ не им го замеруваат историскиот синдром на неговите вистински носители (држави). Балканските држави опседнати со историски ексклузивизам стекнаа право да бараат гаранции за својата национална историја, таква каква што тие самите ќе ја посакаат, единствено Македонија е лишена од елементарно право на заштита на милениумското културно-историско наследство на својата територија.
Препораките се само уште еден обид да се проблематизира македонскиот идентитет, неговото потекло, историски развој и легитимитет. Тие дури и не се обидуваат да бидат мека, софистицирана или научно поткрепена мимикрија. Напротив. Толку се површни и очигледни во својата намера, што е веќе дегутантно да се коментираат.

Академик Катица Ќулавкова