Фото: Игор Бансколиев

Агресивната, негаторска и геноцидна политика на Бугарија кон Македонија се интензивира. По отворањето бугарски клубови со имиња на фашистички соработници, следуваа и нови провокации со ставање бугарски знамиња на споменици на истакнати македонски дејци и борци. Сите овие работи наметнуваат едно прашање во македонската јавност – дали еднаш ќе се повлече црта во заштитата на националните интереси или, пак, слепо ќе се спроведува протоколот наметнат од Софија, дури и по цена на самоуништување на македонскиот народ и неговата држава

БУГАРИЈА ВО НОВ ПОХОД НА АСИМИЛАЦИЈА НА СЀ ШТО Е МАКЕДОНСКО

Со прифаќањето на протоколот што Софија ѝ го наметна на Македонија, а кој стана дел од преговарачката рамка на земјава во преговорите со Европската Унија, Бугарија доби буквално одврзани раце да прави што сака во државава и никој да не реагира за тоа.
Имено, по серијата регистрации на некакви бугарски културни клубови во земјава со имиња на луѓе што биле отворени соработници на фашистичкиот окупатор, Бугарија охрабрена од немањето никаква реакција од македонска страна отворено го започна процесот на бугаризација на земјава низ една агресивна кампања на наметнување на бугарскиот наратив во сите општествени сфери. Притоа ако настаните се погледнат низ една реална призма, тогаш повеќе од јасно е дека Бугарија алатката „вето“ ќе ја користи како средство за притисок до целосното исполнување на сите точки од фамозната декларација усвоена во нивното Народно собрание, без никакви отстапки, а што отворено го призна и поранешниот бугарски премиер Кирил Петков, кој јасно кажа дека Бугарија со прифаќањето на францускиот предлог добила повеќе од она што очекувала.
Во меѓувреме продолжија да никнуваат бугарски клубови низ целата земја, именувани според ликови што биле соработници на фашистичкиот окупатор, во македонскиот етер повеќе од една година оди непречено бугарски телевизиски канал, на кој се емитуваат антимакедонски содржини, а на сето тоа и натаму изостанува институционална реакција од Македонија. Наводно овие работи не биле регулирани во законите. Пред три дена активисти на бугарската „Фондација Македонија“ поставија бугарско знаме на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје, притоа најавувајќи дека доаѓаат во Македонија за да исчистат неколку споменици, а до 21 август најавуваат и други нови активности низ земјава. Истата фондација пред неколку месеци се пофали дека низ Скопје залепила 10.000 налепници на кои пишувало дека сме биле еден народ со Бугарите.
Загрижува што на ваквата агресивна бугарска провокаторска политика нема никаков одговор од македонските власти, кои дозволуваат да се отвораат бугарски клубови со контроверзни имиња на секој чекор, спомениците на македонските дејци среде Скопје да ги красат бугарски знамиња, а историската инфраструктура да ни ја одржуваат бугарски активисти.
Не би било чудно ако во следниот период низ земјава се појават и бугарски туристички водичи што на странските туристи пред спомениците во Скопје, Прилеп, Велес, Охрид и други градови ќе им ја прераскажуваат „вистинската“ бугарска историја. Всушност, колку и да изгледа наивно, така полека почнува процесот на бугаризација, кога на секој чекор се гледаат бугарски клубови, бугарски здруженија, бугарски знамиња, бугарска телевизија, а нема решителна институционална реакција со која ќе се покаже дека Македонија е суверена држава во која функционираат законите и институциите. Сегашниот однос го покажува спротивното, дека понизно се прифаќа сè, без вистински да се инсистира на реципроцитет.
Кога пред извесно време Македонците од Пиринска Македонија ставија венец на гробот на Јане Сандански, тој беше експресно отстранет и фрлен во контејнер, а прашање е како ќе помине македонското знаме ако се најде на некој споменик среде Софија. Впрочем, се виде како поминаа фудбалерите на Македонија Ѓорче Петров во Софија, кога од трибините во текот на целиот меч им се скандираше „Бугари, Бугари“. И повторно од македонска страна немаше реакција.

Сите овие работи наметнуваат само едно прашање во македонската јавност – дали еднаш ќе се повлече црта во заштитата на националните интереси или, пак, слепо ќе се спроведува протоколот наметнат од Софија, дури и по цена на самоуништување на македонскиот народ и неговата држава.
– Факт е дека станува збор за организирана провокација и напад врз македонскиот идентитет среде Македонија од страна на Бугарија и нејзините институции. Факт е дека секоја друга влада, освен оваа на Заев, бидејќи сметам дека Ковачевски не ја води оваа влада, би реагирала остро, би реагирала со дипломатски ноти, дека би ги употребила сите инструменти на државата да се одбрани од оваа агресија. Но оваа влада не го прави тоа и нормално е Бугарите да продолжат во иста насока – вели поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски.
Тој единствена шанса за излез од ваквата ситуација гледа во формирање нова влада, која ќе застане во одбрана на македонските национални интереси и македонското достоинство.
– Ова е апартхејд. Мнозинството во оваа земја е дискриминирано. Туѓи знамиња поставени по споменици во Македонија, едноставно е неприфатливо. Министерката за култура јасно ни порача дека секое негување и истакнување на македонскиот идентитет, Владата го толкува како мрачно минато и негување на сеништата од минатото, што значи Владата се противи на секое негување и истакнување на македонскиот идентитет, за разлика од другите етнички идентитети во Македонија, вклучувајќи го и маргиналниот бугарски идентитет – истакнува Боцевски.
За политичкиот аналитичар Синиша Пекевски ова што се случува со отворањето на бугарски културни клубови и истакнувањето бугарски знамиња на спомениците во Скопје и земјава, всушност, е одлична бугарска пиар-стратегија.
– Ова е одлична пиар-стратегија на Бугарија, која некој таму што е многу паметен одлично ја спроведува. Ова е намерно провоцирање на паметен начин, евентуално да испровоцираат реакција од наша страна и да кажат дека ние сме тие што не се добри. Тоа го прават бидејќи знаат оти нашите политичари нема да реагираат и знаат што и да направат, тие добиваат. За Бугарите ова е вин-вин ситуација во секој поглед – вели Пекевски.
Според него, активностите што сега ги спроведува Бугарија во земјава се преку платени луѓе, кои добиваат некаква финансиска бенефиција за да го прават тоа што го прават, односно да се декларираат како Бугари, за што добиваат грантови и слично.

– Сето ова се прави за да се покаже дека тука има бугарско влијание, дека има Бугари и дека историјата е сферата каде што ќе се кршат копјата и каде што тие ќе профитираат на наша штета. Тоа го прават цело време со тврдењето дека Македонците се Бугари. Тоа им се дозволува, а нашите не реагираат само да не се повтори ветото. Крајниот ефект ќе биде тоа што ние ќе мораме да го отвориме Уставот и да ги внесеме Бугарите и со тоа ќе почне процесот на губење на македонскиот идентитет. Ние веќе со самото прифаќање на францускиот предлог го губиме идентитетот како нација – заклучува Пекевски.
Поранешниот министер и економски аналитичар Џевдет Хајредини само накратко ја искоментира изјавата на евроамбасадорот во земјава Ерван Фуере, кој изрази изненаденост од леснотијата со која македонските власти прифатиле да ја внесат бугарската заедница во Уставот без да побараат реципроцитет.
– Ако нема реципроцитет, ќе нема ни идентитет – објави Хајредини на неговиот профил на Фејсбук.