Регионални актуелности од областа на криминалитетот

Милорад Жугиќ, наводен соработник на водачот на Кавачкиот клан, Радој Звицер, и член на бандата „Пинк Пантер“, е уапсен под сомнение дека ограбил неколку златарници во центарот на Милано, Италија.
Како што пренесуваат италијанските медиуми, биле уапсени и неговите соучесници, Александар Лазаревиќ и Мирза Љумиќ. Осомничените вршеле спектакуларни блицкриг-разбојништва. Тие биле фатени кога полицијата во цивилна облека случајно ги видела двајцата на велосипеди на „Виа Корсо Гарибалди“.
Полицајците забележале двајца мажи што им станале сомнителни, а ги идентификувале со обична, редовна контрола на набљудување, известување и тревожење. Набрзо поврзале дека се видени на снимката од камерите за видеонадзор при грабежот на златарницата. Полицајците повикале засилување, а потоа ги запреле на влезот во зградата. Станувало збор за Лазаревиќ и Љумиќ, кои веднаш биле идентификувани. Во станот во кој живееле бил пронајден и Жугиќ, по кого црногорските власти распишале потерница за убиството во Никшиќ, во 2016 година, и недозволено поседување оружје.
Италијанската полиција потоа го пребарала станот во кој живееле т.н. „пинк пантери“ во Милано, Италија.
Италијанските медиуми соопштија дека при претресот биле пронајдени два пиштола и неколку куршуми, како и облека идентична на онаа при грабеж на златарницата. Има информации дека осомничените се по потекло од Црна Гора, додека „Милано тудеј“ пишува дека станува збор за добро обучени поранешни српски војници. Како што е соопштено, тие се виновни за уште неколку грабежи во Милано.

– Групата е осомничена дека на 19 октомври 2019 година ја ограбила продавницата за часовници „Ла Ботега дел Темпо“ на улицата Чезаре Батисти, потоа на 12 јануари годинава во таканаречената шопинг-улица Виа дела Спиг, кога украле предмети од бутикот „Кривели“. Жугиќ се поврзува и со кражбата на златарницата во „Вија Рома“ во Џенова на 29 јули 2017 година, за која беше во притвор, додека Лазаревиќ и Љумиќ учествуваа во грабежот на златарницата „Роберто Коин“ во Рим во 2012 година. Лазаревиќ е осуден за тоа дело. Се верува дека тие учествувале во уште неколку грабежи од 2019 година до денес – според извор на локалните медиуми.
Како што објавија црногорските медиуми во 2019 година, собрани се голем број докази, кои укажуваат дека Милорад Жугиќ го убил Новљан Радован Матовиќ во Никшиќ ноќта помеѓу 20 и 21 февруари 2016 година. Беше објавено дека тој потоа телефонски му се јавил на Матковиќ, исто така близок соработник на Кавачкиот клан, договорил средба со него, а подоцна и го убил.
– Случајот беше затворен кога истражителите ги анализираа списоците за телефонски повици и ги интервјуираа сведоците. Жугиќ по злосторството ја напуштил Црна Гора, а се сомнева дека го сторил поради дрога бидејќи и двајцата биле вклучени во продажбата. Телото на Матовиќ било пронајдено истата вечер во неговиот автомобил со рани од куршуми. Потоа против Жугиќ е поднесена кривична пријава и по него е распишана потерница – информираа црногорските медиуми.