Остри реакции во јавноста предизвика неодамнешното провокативно однесување на присутните на настанот, кога обраќањето на водителката на македонски јазик беше проследено со громогласни свирежи, оневозможувајќи ѝ таа да го доврши текстот. Целокупната јавност е согласна дека исвиркувањето на македонскиот јазик значи и исвиркување на еден народ, на идентитетскиот белег, на својата држава, односно севкупно деградирање и понижување на Македонија, за што некој мора да преземе одговорност. Да се слави со пари од граѓаните во ова тешко време и притоа да се гази врз достоинството на Македонците е опасна провокација, која мора принципиелно и недвосмислено јавно да се осуди. Јавноста треба да го чуе и гласот на амбасадите на земјите-членки на ЕУ, како и на самата ЕУ, велат нашите соговорници. Засега нема реакција во врска со овој инцидент ниту од Владата ниту, пак, од некоја друга институција

Одговорност за недоличното и провокативно однесување на одбележувањето на годишнината од рамковниот договор!

Во време кога македонскиот јазик се наоѓа под отворен напад и оспорување од соседна Бугарија, истиот тој јазик е брутално нападнат и омаловажен од ретроградни сили внатре во сопствената држава. Јасна е целта на нападот: целосно разнебитување на Македонија и остварување туѓи големодржавни апетити.

Македонскиот јазик е нашата татковина

Имено, за време на „Мировниот фестивал“, кој изминатиот викенд се одржуваше на плоштадот „Скендербег“ во центарот на Скопје, а во рамките на одбележувањето 21 година од рамковниот договор, обраќањето на водителката на македонски јазик беше проследено со громогласни свирежи, оневозможувајќи ѝ таа да го доврши текстот.
Ваквата реакција на присутните на фестивалот предизвика бурни реакции кај македонската јавност, која со право се прашува како може некој со вакво недолично однесување да ги навредува и напаѓа македонската држава, јазик и мнозинскиот народ во срцето на нејзиниот главен град, а истовремено никој да не преземе одговорност за тоа. Со оглед дека организатор на настанот беше Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, на чие чело е првиот вицепремиер Артан Груби, тешко е да се очекува некој да преземе одговорност или барем да им се извини на македонските граѓани поради навредливото однесување на дел од присутните на фестивалот. Тоа може да се воочи и од објавата на нивната веб-страница, каде што стои само дека фестивалот бил успешен, со голема благодарност до илјадниците присутни. Ниту збор за срамното однесување на дел од присутните. Нема реакција во врска со овој инцидент ниту од Владата ниту, пак, од некоја друга институција.
Многу позагрижувачки е што среде Скопје, на манифестација финансирана од пари на македонските граѓани, дел од албанската етничка заедница како малцинство во земјава уште еднаш ја покажаа својата нелојалност кон сопствената држава, а во интерес на некои туѓи цели. Главната дилема што сега се наметнува е ако и внатрешно не можат да покажат солидарност кон своите сограѓани, кои повеќе од очигледно се цел на отворени напади од надвор, тогаш каква солидарност може да се очекува од нив во иднина и дали тие нема да бидат оние внатрешни сили што ќе работат на подривање на државата како матична земја на македонскиот народ. Сега произлегува дека сите предупредувања од страна на дел од македонската јавност дека министерот за надворешни работи Бујар Османи не треба да ги води преговорите со Бугарија, бидејќи како етнички Албанец едноставно не е засегнат, не го чувствува и не го познава идентитетскиот проблем онака како што го чувствуваат Македонците, уште повеќе добиваат на тежина, а штетата што е направена со прифаќањето на протоколот, кој стана дел од преговарачката рамка на земјава со Европската Унија, веќе почнува да излегува на површина и да ја води државата во непосакуван правец.

Акт со кој се предизвикуваат меѓуетничка нетолеранција, раздор и нетрпеливост

Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, смета дека Владата морала да реагира и најостро да го осуди тој чин насочен кон предизвикување меѓуетничка нетолеранција, раздор и нетрпеливост.
– Барам извинување од Али Ахмети и одговорност од организаторите на оваа манифестација. Да се слави со пари од граѓаните во ова тешко време и притоа да се гази врз достоинството на Македонците е опасна провокација, која мора да ја осудат и амбасадите на земјите-членки на ЕУ, како и самата ЕУ. Не треба да има двојни критериуми кога се случуваат вакви провокации, туку се неопходни остра реакција, осуда и политичка одговорност – истакна лидерот на ДС.
Според поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска, не може да бараме да нè почитуваат надвор кога дома некој работи на поткопување на државниот интегритет.
– А што може да очекуваме, кога во екот на нашиот спор со соседите, кога во сите политички писанија бараме да се употребува придавката македонско, македонски, наш министер при посета на соседна Албанија е „навреден“ од неговото претставување како македонски министер и вели: „Јас сум министер на Cеверна Македонија, не сум Македонец, јас сум Албанец“. Сето ова и уште многу други нешта не водат кон соживот и заемна почит. Додека кај едните има триумфализам, кај другите сe создава чувство на апатија, гнев и, да, веројатно кај некои и омраза. Тоа не е добро за Македонија. Ако не ги зачуваме нејзиниот интегритет и целовитост, тогаш ќе немаме ни министри, ни влада, кои ќе нѐ убедуваат дека сме едно општество за сите и дека напредуваме како држава. Почитта и соживотот ниту се градат со фестивали ниту има пари со кои се купуваат. Тие се заслужуваат – вели Марковска.
Универзитетската професорка Билјана Ванковска воопшто не е изненадена од ваквиот однос на Албанците во земјава.
– Некој е изненаден? Пораснаа нови генерации, во одделни училишни згради, задоени со етнонационализам и јазичен сепаратизам, а ние (како држава) го негувавме тоа – напиша кратко Ванковска на својот фејсбук-профил.
Слична реакција стигна и од професорката Елја Јачева Улчар, која прашува каде е реакцијата на надлежните кога отворено се гази врз македонскиот народ.
– Божем, едно општество за сите…, а оно – исвиркувања на зборови македонски! Скопско великограЏансво, – се слушаме ли? Мукла, а? Нешто осуда за грабеж, за непочитувања устав, закон, човечки права? Ништо, а?! – напиша во жаргонски стил Улчар на својот профил на Фејсбук.