Во Собранието на Република Македонија се очекува од денеска да почне постапка за формирање тело за помирување, едно од четирите барања што пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за уставни измени го доставија до Парламентот. Од петокот пред полноќ течат и петнаесетте дена, колку што има Владата рок да достави нацрт-амандмани на Уставот до Собранието.
Костадин Костадинов од СДСМ во саботата во изјава за медимите оцени дека Собранието со изгласувањето на потребата за уставни измени донело историска одлука и оти Македонија избрала светла иднина наместо изолација. Пратениците, сите 80, слободно и по сопствено убедување и низ демократска постапка, како што кажа, гласаа за иднина во ЕУ и НАТО.
Пратеникот на СДСМ на новинарското прашање информира дека се очекува од понеделник да се пристапи кон формирање собраниско тело за помирување, кое ќе води до помирување меѓу пратениците во однос на она што се случи на 27 април. До неговото формирање тој, како што рече, не би сакал да изнесува никакви детали.
– Да почне целата постапка и како ќе се одвиваат ситуациите, така сите ќе бидат информирани – рече Костадинов.
Од изгласувањето на Предлогот за пристапување кон уставни измени со 80 гласови „за“ и 39 „против“ започнаа да течат и петнаесетте дена за доставување на нацрт-амандманите во Собранието од страна на Владата, која е предлагач на измените на Уставот во согласност со Договорот од Преспа. Со гласањето заврши првата фаза од измените на Уставот.
Во втората треба да се утврдат нацрт-амандманите и за тоа е неопходно просто мнозинство или 61 глас во Собранието. Третата и последна фаза е усвојување на амандманите за што е потребно двотретинско мнозинство или поддршка од најмалку 80 пратеници.
Собранискиот Деловник предвидува од моментот на доставување на нацрт-амандманите во Собранието (втора фаза) до одржување на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.
Претресот за секој нацрт-амандман поединечно може да трае најмногу по три дена и во Комисијата и на пленарната седница, но може да биде завршено и побрзо од максималните рокови.
Собранието со најмалку 61 глас треба да ги утврди нацрт-амандманите, по што тие одат на јавна расправа, чие времетраење го утврдува Парламентот.
По оваа меѓуфаза, Владата треба да ги изготви предлог-амандманите и да ги достави до Собранието. Од моментот на доставување на предлог-амандманите во Собранието до одржувањето на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.
Предлог амандманите треба да бидат разгледани од Законодавно-правната и Комисијата за уставни прашања, а на крај и на пленарна седница.
Конечната одлука за усвојување на амандманите се носи со двотретинско мнозинство или најмалку 80 гласа. За амандманот на Преамбулата на Уставот освен двотретинско, е потребно и Бадентерово мнозинство.
Кога ќе биде закажана собраниската седница по предлогот за измена на Уставот, одлучува претседателот на Собранието.