Осумдесет пратеници гласаа за пристапување кон уставни измени заради имплементација на Договорот од Преспа, со што беше обезбедено потребното двотретинско мнозинство за усвојување на предлогот, на вечерашната седница во Собранието.
Пратениците првично гласаа електронски, а потоа се изјаснија и поединечно, на барање на Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ. Притоа беа потврдени 80-те гласа „за“, додека 39 се изјаснија „против“, од присутните 117 пратеници на 61-та собраниска седница.
Поголем дел од пратеничката група ВМРО-ДПМНЕ стана од своите места непосредно пред гласањето, застанувајќи до ѕидот во собраниската сала.
Претседателот на Собранието Талат Џафери констатираше дека е усвоен предлогот за пристапување кон уставни измени.
Собранието со 75 гласа „за“ заклучи најдоцна во рок од 15 дена да изготви предлог-амандмани на Уставот и да ги достави до Собранието. Одлуката се објавува во Службен весник и стапува на сила веднаш.